Перо Антиќ ноќеска го имаше дебитантскиот настап во НБА-лигата во дресот на Атланта хоукс. Капитенот на македонската репрезентација на гостувањето во Мајами против шампионот во НБА имаше добра минутажа и скромен ефект. На паркетот мина 16 минути, постигна 3 поени, а имаше четири скока и една украдена топка. Неговиот тим загуби со 92-87 од актуелниот шампион во најсилната лига на планетата.
„Јастребите“ играа одлично во второто полувреме, кое го добија со 57-43, но тоа не беше доволно да се надомести негативата од 19 поени од првото полувреме.
– Многу сум возбуден. Пред премиерниот меч во претсезоната бев малку загрижен како ќе биде, нова средина, нова публика, се плашев како ќе одиграм, но полека, полека дојде време да се игра официјален натпревар и едвај чекам да дојде тој момент – изјави Антиќ пред натпреварот.
Првиот македонски кошаркар во НБА влезе во игра во шестата минута од првиот период и ги промаши првите два удари, еден за два поени, а вториот за тројка. Од трет обид Антиќ погоди за 3 поени што му беше единствениот кош од вкупно 8 удари на натпреварот.
Мајк Ското со 13 поени беше најефикасен кај Атланта, а проблем за нив е повредата на Густаво Ајон. Репрезентативецот на Мексико уште на стартот го повреди рамото и не се врати на паркетот во арената „Континентал ерлајнс“ во Мајами.
Кај двојниот актуелен шампион Мајами, одлично одигра Крис Бош со 21 поен и 7 погодоени удари од 8 обиди. Леброн Џејмс постигна 6 поени, а третата голема ѕвезда на Хит, Двејн Вејд, не играше.
Следниот натпревар Антиќ и „јастребите“ го имаат ноќеска повторно на гостински терен против тимот на Шарлот.
Најдобрите потези од натпреварот можете да ги погледнете тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.