Актуелниот шампион во формула 1 Себастијан Фетел сигурно чекори кон нова титула, по денешната победа во Јужна Кореа. Возачот на Ред Бул ја почна трката од пол-позицијата и во ниту еден момент не дозволи да биде загрозен од ривалите.
На дваесетина круга до крајот во два наврати на патеката излегуваше сигурносно возило, што им овозможи на ривалите да се најдат веднаш зад актуелниот светски првак. Сепак, Фетел не дозволи никакво изненадување и сигурно забележа нова победа. Кими Раиконен е второпласиран, пред тимскиот колега Роман Грожан.
Нико Хулкенберг имаше одлична трка и заслужено стигна до четвртото место, откако во самиот финиш одолеа на нападите на Луис Хамилтон, кој ја стартуваше трката како второпласиран, но на крај мораше да се задоволи само со петтата позиција. Зад него се најдоа Алонсо, Розберг, Батон, Маса и Перез.
Марк Вебер повторно беше трагичар, откако му се запали болидот и го спречи да ја заврши трката.
Во генерален пласман води Фетел со 272 поени, пред Алонсо со 195, Раиконен има 167, а Хамилтон 161.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



