Министерот за надворешни работи на Литванија и претседавач на Советот на ЕУ Линас Линкевичиус и шефот на дипломатијата на Романија и претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Титус Корлацеан, денеска и утре ќе престојуваат во заедничка посета на Република Македонија, соопшти македонското МНР.
Линкевичиус и Корлацеан денеска ќе имаат средба со министерот за надворешни работи Никола Попоски, а утре ќе се сретнат со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.
Предвидена е и заедничка средба во Собранието на Република Македонија со претседателите на Националниот совет за европска интеграција, Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешни работи и Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет со Европската унија.
На средбите ќе стане збор за процестот на пристапување на Република Македонија во ЕУ во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската комисија на 16 октомври и состаноците на Советот на ЕУ во декември. Ќе се разговара за регионалната соработка во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, информира МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


