Чекањето конечно заврши, започнува 13. издание на јадранската АБА лига, многумина велат дека ова ќе биде најсилната и најнеизвезна до сега.
Стартот на новата сезона ќе го отворат Актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје кои се домаќини на Унион Олимпија предводена од нивниот довчерашен тренер Алеш Пипан.
МЗТ во премиерниот меч ќе настапи без Ѓорѓи Чековски и Кирил Николовски, а тренерот Влада Вукоичиќ меѓу 12 кошаркари ги повика и дебитантите во АБА лигата, младите Љубомир Младеновски и Михајло Арсоски.
-Олимпија е повеќекратен учесник во најелитното европско натпреварување, Евролигата и од она што го знаеме, станува збор за многу талентиран состав со неколку искусни играчи и тренер што сите добро го познавате – Алеш Пипан. Веќе се подготвувавме за овој прв натпревар, ги следевме нивните натпревари во подготвителниот период и видовме дека и тие, како и нас, имаа добри и лоши средби. Сепак, тоа се подготвителни натпревари во кои нема притисок за победа, па можеме да бидеме сигурни дека вечерва ситуацијата ќе биде различна- изјави Вукоичиќ.
–Пред нас е едно многу тешко гостување во Скопје против тимо на МЗТ. Немавме премногу време да се подготвиме за овој противник бидејќи пред само два дена го игравме дуелот со Крка во Суперкупот на Словенија. Без оглед на тоа, сите сме решени да одиме на победа во Скопје, иако сме свесни дека нема да биде лесно и до триумф можеме да стигнеме само со полетна игра во нападот и висока концентрација и колективна игра во одбраната– изјави Пипан.
Во одбрана на трофејот тргнува тимот на Партизан кој е шесткратен шампион на ова натпреварување. Оваа година се појачани со искусниот Таренз Кинси.
Најсериозниот конкурент повторно ќе биде минатогодишниот вицешампион Црвена Звезда, која донесе неколку појачувања, но ги задржи и ланските играчи.
Покрај српските кандидати за пласманот во фајнал фор прсти ќе замешаат и хрватските тимови Цибона и Цедевита.
За разлика од минатата сезона, кога до самата завршница не се знаеше кој од регионалната АБА лига ќе избори право да игра во Еуролигата, оваа година е поинаку, тимовите од самиот почеток ќе знаат кој пласман ќе ги носи во најелитното европско натпреварување. Право на настап во Еуролигата ќе изборат два тима од АБА лигата и тоа финалистите од фајнал форот на турнирот.
Трето пласираниот тим ќе игра квалификации за влез во Еуролигата, но нема да има право на настап доколку е од иста држава како и финалистите.
Во новата сезона во АБА лигата има нови правила усвоени од ФИБА. При досудена техничка грешка наместо две ќе се изведува само по едно слободно фрлање, времето за повторен напад при погоден обрач наместо 24 ќе трае 14 секунди и во полукругот под кошевите нема да се судат лични грешки, освен намерните.
Екипите ќе одиграат 26 кола, а првите четири ќе обезбедат пласман на Фајнал фор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.