| четврток, 6 декември 2018 |

Царина: Кривична за Полјак за шверц на 25 кг марихуана

marihuana

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во септември 2013 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 6 кривични пријави против 3 правни лица и 6 физички лицa.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, „Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока“, „Царинска измама“ и „Фалсификување исправа и поднесување лажни докази“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори
* Кривична пријава е поднесена против физичко лице, државјанин на Република Полска, заради обид за криумчарење на околу 25 кг марихуана.
Пријавениот, на 10.09.2013 година, управувајќи патничко моторно возило „Шевролет Орландо“ со полски регистарски таблички, сопственост на рент-а-кар компанија, се пријави за излез од Република Македонија, на граничниот премин Табановце-автопат. При извршен детален преглед на возилото, во фабричките шуплини на вратите и во наслоните од седиштата, под текстилните навлаки, пронајдени се вкупно 60 пакувања со непозната материја од растително потекло.
По извршено вештачење од страна на МВР, Оддел за криминалистичка техника, утврдено е дека непознатата материја претставува опојна дрога-марихуана со вкупна нето маса од 24.747 грама.
Според изјавата на пријавениот, дрогата ја набавил во Албанија а крајната дестинација била Република Полска.

Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока
* Кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Скопје, имател на акцизна дозвола, и неговото одговорно лице, македонски државјанин, затоа што избегнале плаќање на акцизни давачки во износ од над 110 милиони денари.
Во текот на 2011 година пријавеното правно лице извршило набавка на 81.869 кг режан тутун, од добавувач од Република Македонија, и истиот го продал на едно правно лице од Македонија и едно физичко лице од Албанија, како ситневина од тутун. При тоа, во сметководствената евиденција не бил евидентиран, ниту пак платен акцизниот долг по основ на реализираната продажба. Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, Царинската управа утврди акцизен долг во вкупен износ од 110.535.150 денари, што трговското друштво со решение е задолжено да го плати.
Царинска измама
*Кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Скопје и неговото одговорно лице, македонски државјанин, затоа што со приложување лажни фактури избегнале плаќање царински давачки во износ од над 1,3 милиони денари.
Пријавеното правно лице и неговото одговорно лице, во текот на 2010 и 2011 година со дванаесет царински декларации увозно оцариниле разни производи за широка потрошувачка, со потекло од Турција, за што приложиле фактури со вкупен износ од 121.267,31 американски долари и 20.465,00 евра.
Царинската управа ги испрати фактурите на дополнителна проверка кај царинската администрација на Република Турција, од каде е добиен одговор дека оригиналните фактури се разликуваат од приложените во поглед на вредноста на увезените производи, односна вистинската вредност на истите изнесува 263.986,61 американски долари и 44.231,81 евра.
Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни давачки во износ од 1.346.411,00 денари, што пријавеното правно лице е задолжено да ги плати.

Фалсификување исправа и поднесување лажни докази
* Три кривични пријави се поднесени против едно правно лице и три физички лица, поради приложување лажни докази за потекло, при увозно царинење на употребувани патнички моторни возила, со цел да им биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно.
Кривична пријава е поднесена против двајца македонски државјани, кои на царинската испостава Скопје 1 (едниот во 2011 а другиот во 2012 година) увозно оцариниле по едно употребувано патничко возило, набавени од Германија и Италија. Како докази за потекло, во едниот случај била приложена фактура со изјава за потекло, а во другиот случај договор со изјава за потекло, потпишани од странските продавачи.
Третата кривична пријава е поднесена против правно лице од Радовиш и неговото одговорно лице, македонски државјанин. Во 2012 година, на царинската испостава Штип, за потребите на правното лице, увозно оцариниле едно употребувано патничко возило, набавено во Австрија, при што приложиле фактура со изјава за потекло, потпишана од странскиот продавач.
Во сите три случаи, поради сомневање во веродостојноста на приложените докази за потекло, Царинската управа ги испрати предметните документи на проверка до царинските служби на Германија, Австрија и Италија, од каде добиени се одговори дека документите не се идентични со оригиналните, односно во првиот случај извозникот нема наведено изјава за потекло во фактурата, во вториот случај изјавата за потекло во договорот не е автентична, а во третиот случај фактурата е фалсификат.
Врз основа на добиените одговори од странските царински служби, Царинската управа утврди дека, во сите три случаи, увезените возила не ги исполнуваат условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителни пресметки на избегнатите увозни давачки, при што пријавените се задолжени истите да ги доплатат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top