Со неколкучасовна обиколка низ повеќе градски и приградски улици и локации, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески заедно со надлежните од општинските сектори и директорите на охридските Јавни претпријатија денес утврдуваше до каде е реализацијата на проектите согласно годишната програма и притоа најавуви нови идеи како и надградба на веќе најавените проекти.
Обиколката почна од изградбата на канализацијата помеѓу Горно и Долно Лакочереј .Досега се изградени 400, а со забрзана динамика се очекува во кус временски рок да се заврши преостанатиот дел од 1000 м.
По Лакочереј градоначалникот на лице место ги согледуваше градежните активности на улицата „ Петрино“. Таму поставена е нова водоводна мрежа во должина од 200 метри, во моментов се тампонира прекопаниот дел на оваа сообраќајница по што ќе се започне со асфалтирањето.
– Ние не можеме да дозволиме асфалтирањето на патиштата да се користи за изборни цели, да се манипулира со граѓаните и да се поставува асфалт на недобро подготвен терен. Затоа решивме сите оние улици и патишта кои ние ги имаме предвидено во нашиот план за работа за оваа и наредната година да бидат потполно инфра- структурно комплетирани. Се гради според пропишаните стандарди и нормативи – потенцира Бакрачески.
Градоначалникот денес на лице место на влезот од Охрид, нагрден со отпад , укажа дека една од заложбите на локалната ќе биде справување со дивите депонии во градов.
– Овој простор наредниов период ќе биде осветлен со рефлектори. Со намера да се искоренат лошите навики на охриѓани, по акцијата на чистење просторот 24 часа ќе биде контролиран од двајца комунални инспектори. Ќе се постават еластични браници и информативни табли со кои јасно ќе се укажува на забраната за фрлање отпад пред влезот на Охрид – потенцира Бакрачески.
По негово барање ,надлежните од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици ќе работат на отстранување на контејнерите за отпад од пешачките патеки на Булеварот Туристичка и нивна замена со подземни контејнери.
Во рамки на денешната обиколка градоначалникот беше и на просторот од Охридската касарна која што по средувањето на правните работи се очекува да биде предадена од Министерството за одбрана на Општина Охрид. Според првичните најави на просторот каде е Касарната, локалната ќе пробива централна улица, еден дел од просторот ќе се пренаменува за образовни цели, ќе се изгради црквичка, спортски центар и станбено- деловен комплекс.
Меѓу другото од надлежните служби градоначалникот беше информиран околу изведбените работи и реализација на проектите за изградба на пешачка патека на потегот од каналот Студенчишта до Парк.
– Тука имаме намера да направиме модерно шеталиште . Се надевам дека многу набрзо ќе ја завршиме планската документација , по што ќе започнат градежните активности на тој дел од патеката .Дел од финансиската конструкција ќе биде покриен со пари од Европска Банка што се очекува да ги обезбеди Секторот на ТЛЕР – потенцира градоначалникот.
Бакрачески денешната обиколка ја заокружи со посета на пешачката патека од Мостот до Билјанини Извори за што локалната има идеен проект, по што ќе следи и главниот проект за изградба на пешачка патека која ќе биде осветлена а еден нејзин дел ќе биде наменет за рекреација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.