| четврток, 6 декември 2018 |

Автопатот Кичево-Охрид-Струга ќе почне да се гради наскоро

Централна тема на денешната редовна средба на министерот за економија Ваљон Сарачини и претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи на која се разгледуваа Предлог-буџетот за 2014 и проектите кои се планираат да се реализираат, беше планираниот почеток на изградбата на автопатот Кичево-Охрид-Струга.

– Изградбата на автопатот што се планира да почне во 2014 година значително ќе придонесе да се подобри економијата во Македонија и да се реализира планираниот раст од 3,2 процента за идната година. Изградбата е значајна и за бизнисот заради ефектите на среден рок, како што е ангажирањето на градежните компаниим, но и на долгорочен рок со намалување на трошоците на работење – изјави Сарачини по средбата.

Тој посочи дека станало збор и за проектите во патната, енергетската, железничката и комуналната инфраструктура што се планираат за наредната година, како и за проектите кои треба да се реализираат во Технолошко-индустриските развојни зони, образованието, здравството и културата.

– Од Стопанската комора на Северозападна Македонија го поздравија фактот што од 2014 година ќе има 20 отсто зголемување на капиталните инвестиции. Заеднички можеме повеќе да придонесеме за раст на економијата – нагласи Сарачини.

Претседателот на Стопанската комора Кучи средбата ја оцени како конструктивна.

– Добивме појаснување од министерот за буџетските средства и за амбициите буџетот од социјален да го направиме развоен. Процентот од 20 отсто за капитални инвестиции е добар, но е двојно помал од оној што ние го бараме. Сепак е драстично поголем во однос на минатите години и гарантира БДП на ниво од над 3 проценти – рече Кучи.

Нагласи дека се задоволни од планираното во буџетот за 2014 година, но додаде дека имаат забелешки во делот на реализацјата на проектите во западниот дел од земјава.

– Бараме западниот дел да биде локомотива и да влече напред зашто ги има сите потенцијали за тоа. Тоа не значи дека сме против она што ќе се гради во другите делови од Македонија – потенцира Кучи.

Министерот Сарачини образложи дека само во буџетот за Технолошко индустриските развојни зони за 2014 година со предвидени 225 милиони за зоните во Тетово, Кичево и Струга. – Не би можел да кажам дека проектите во буџетот се делат на проекти во Западна или Источна Македонија. Сите се за развој на економијата во Македонија и сите заедно како Владата, така и стопанствениците треба да придонесеме за Македонија да оди во правилна насока во смисла на економскиот развој, рече Сарачини.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top