Раст на економијата над проекцијата од 2 проценти годинава очекува и бизнис-заедницата во Македонија. Проекцијата ја темелат на зголемениот извоз кон европските земји и податоците за раст на БДП во првите два квартала од годинава.
Ова го истакнаа претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и извршниот директор на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Митко Алексов, по најавата на гувернерот на Народна банка на Македонија дека се очекува растот на БДП да биде над 3 отсто.
„Очекуваме повисок раст затоа што го зголемивме во овој период извозот кон Западна Европа за 10 проценти што значи дека е позитивна тенденција“, изјави Азески и додаде дека и во наредниот период очекуваат да има повисока стапка и дека тој оптимизам се пренесува и во буџетот во 2014 година. Алексов потенцира дека очекува годината да заврши со раст меѓу 2 и 2,5 проценти и оти ако биде повеќе, ќе биде добро и за бизнис-заедницата.
„На крајот од минатата година предвидувањата беа дека растот ќе биде 2 проценти. Позитивните движења во еврозоната во првиот и во вториот квартал позитивно се рефлектираат на нашето стопанство, особено во делот на зголемување на нашиот извоз. Податоците што ги имаме за економскиот раст во првиот и во вториот квартал се поголеми од очекувањата, но сепак очекуваме овие трендови да продолжат и во втората половина од годинава, можеби не со таков интензитет како во првиот и вториот квартал. Како и да е, годината ќе ја завршиме позитивно меѓу 2 и 2,5 проценти, доколку биде и повеќе, тоа ќе биде подобро и за нас“, истакна Алексов.
Во однос на најавената законска регулатива за финансиска дисциплина Азески посочи дека бизнис-заедницата ја поздравува. „Ова е голема новина. Очекувам да има проблеми во примената, но подготвени сме за сите ризици и ако има компликации, ќе се вршат дополнителни интервенции“, истакна Азески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



