Со осум натпревари во групите А, Б, Ц и Д денеска ќе биде комплетирано 2. коло во фудбалската Лига на шампиони.
Програмата ја отвораат ЦСКА и Викторија Плзен со дуелот во Москва од 18 часот.
Дербито од 2. коло на Лигата на шампиони се игра на „Итихад“, каде што Манчестер сити го пречекува европскиот првак Баерн Минхен.
Двата тима се главни фаворити за пласман во следната фаза, а мечот ќе биде вистинско уживање за навивачите.
– Ме чека најтешкиот натпревар откаку сум на клупата на Сити, а фудбалерите на Баерн се толку јаки што е тешко да им се спротивставиш, а покрај тоа знам колку им е добар тренерот – изјави тренерот на Сити, Мануел Пелегрини.
Од друга страна, пак, Пеп Гвардиола не е толку загрижен.
– Сигурен сум дека во Манчестер ќе ја направиме вистинската работа. Мојот тим од ден на ден е сѐ подобар – рече Гвардиола.
Тимот на Манчестер јунајтед оди во Украина, каде што му гостува на тимот на Шахтар, кој се покажа како пријатно изненадување во првото коло, кога го совлада тимот на Реал Сосиедад. Менаџерот на црвените ѓаволи не го чека баш лесна работа.
– Мораме да излеземе со силен тим, гостувањето во Украина е тешко бидејќи Шахтар има одличен резултат на домашен терен. Имаат пет-шест Бразилци, но продадоа и важни играчи – изјави Мојес.
Дербито од групата Б се игра во Торино, каде што Јувентус го дочекува турски Галатасарај на чело со новиот тренер Роберто Манчини, кој во понеделникот потпиша тригодишен договор.
– Многу сум среќен што сум во клуб каков што е Галатасарај. Натпреварот против Јувентус е многу важен за мене и среќен сум што ова ќе биде моето прво деби – вели Манчини.
Тимот на Јувентус разочара во првото коло на гостувањето во Копенхаген, каде што успеа да освои само бод.
Екипата на ПСЖ, која го дели првото место со Монако во францускта лига, ја пречекува Бенфика, која не почна баш најдобро, сепак тренерот на принцовите Лорен Блан вели дека се силна екипа.
– Досегашните резултати не се вистинската слика на квалитет. Бенфика е тим кој сака да доминира и да ги натера противниците да ја играат нивната игра. Не знам дали така ќе играат во Лигата на шампионите, но ги познаваме многу добро – изјави Блан, чиј тим во првото коло го победи Олимпијакос со 4-1.
ЦСКА – Викторија Плзен
Шахтар Доњецк – Манчестер јунајтед
Манчестер Сити – Баерн Минхен
Баер Леверкузен – Сосиедад
Реал Мадрид – Копенхаген
Јувентус – Галатасарај
Пари Сен Жермен – Бенфика
Андерлехт – Олимпијакос
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


