| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас: Македонија е виновна, мора да прифати ерга омнес

goran-kol-12-samaras

Грчкиот премиер Андонис Самарас ја префрли вината за спорот со името врз Македонија и врз премиерот Никола Груевски, и се обиде да вброи и други балкански држави, како Албанија и Бугарија на грчката страна во спорот.

Самарас одговори на прашање на МИА, на приемот организиран во економскиот Институт „Питерсон“ во Вашингтон, каде што зборуваше за економските планови за Грција и за тешката регионална ситуација:

– Имавме долги дискусии со господинот Нимиц за спорот за името. Се сретнав со него последен пат кога бев тука во Обединетите нации. Има некоја екстремна непопустливост од страна на мојот колега од Скопје. Верувам дека Грција е единствената земја која направила некои чекори кон решение. Тоа не е случај и со Скопје. Бараме решение кое би било име кое ќе биде ерга омнес, како што се вели на латински, едно решение, едно име, за секоја употреба. Не гледам дека господинот Груевски е отворен за вакво решение. Верувам дека, ако ги прашате моите колеги од Албанија или Бугарија, и тие веројатно ќе ви одговорат исто, дека непопустливоста лежи во Скопје, а не во Грција – изјави Самарас на вечерата организирана од фондацијата на покојниот грчки бродски тајкун Ставрос Ниархос.

Грчкиот премиер Самарас, кој го посети Њујорк, а сега е во посета на Вашингтон, на оваа втора посета на САД во рок од еден и пол месец, избегнуваше да зборува за спорот за името. Претходно во текот на вчерашниот ден се обиде да ги избегне македонските новинарски екипи, а и во медиумските конференции не се осврнува на спорот за името. Во своите јавни настапи грчкиот премиер зборува за, како што рече, уништувањето на неонацистичката партија Златна зора и изнесува нови економски податоци за Грција со кои вели дека неговата партија успеала да ја извлече земјата од криза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top