| четврток, 6 декември 2018 |

Парите се сигурни, ќе се градат автопатите Миладиновци -Штип и Кичево -Охрид

Stavrevski intervju (2) (Custom)Кинескиот кредитот тежок 574 милиони евра е сигурен, автопатот Миладиновци -Штип и Кичево – Охрид ќе се гради, вели министерот за финансии Зоран Ставрески. Тој информира дека преговорите со кинеските власти и банката „Ексим“ се при крај, а државата гарантира за кредитот.

-Од ЕКСИМ банката од Кина добивме потврда дека го поминале таму филтерот и оти исто така нивното Министерство за трговија, кое што е надлежно, ги одобрило проектите. Сега стручните екипи на Министерството за финансии и од ЕКСИМ банката го усогласуваат финалниот текст на договорот, што значи дека многу брзо, во текот на овој месец, ќе бидат завршени и пуштени во владина процедура, по што следи собраниската процедура за донесување на законите за гаранција затоа што во случајот позајмувач ќе биде Јавното претпријатие за патишта, а Владата ќе ја издаде гаранцијата- рече Ставрески.

Аплицирањето на Владата за поволните кредити што ги одобрува кинеската Влада и ЕКСИМ банката, посочи, е направено врз основа на студии за тоа колку ќе чинат и за нивна изводливост. Тој вели дека согласно направените проекти, парите од кина треба да се доволни за градба на двата автопати со вкупна должина од околу 100 километри.

-Со изградбата на двата клучни автопати, Скопје – Штип и Кичево – Охрид значително ќе се подобри патната инфраструктура во Македонија, ќе се подобри конкурентноста на економијата, а на краток рок ќе се зголемат градежната и останатите активности- смета Ставрески.

Според планот, почетокот на изградбата се очекува пролетва, а патиштата треба да бидат пуштени во употреба за три години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top