Православните Македонци што живеат во струшкото село Октиси сакаат да формираат сопствена месна заедница, која ќе се приклучи на општината Вевчани, објави весникот „Дневник“.
Ваква иницијатива, според весникот, била поднесена на неодамнешниот состанок на претставниците на македонското население откако во оваа село се случија меѓурелигиски тензии за изградбата на православниот параклис.
– На тоа се решивме бидејќи гледаме дека проблемите што се појавиле не се решаваат. Не се дозволува изградбата на црквата, а проблемите имаат и други наши жители. Во таква ситуација не гледаме друг начин, освен да се одвоиме од остатокот од селото и да ја смениме општината – ни изјавија претставници на овој дел од населението.
На состанокот било договорено да се ангажира посебен адвокат кој ќе направи елаборат за оправданоста на постоењето нова и самостојна месна заедница. Потоа тој елаборат ќе оди по предвидената процедура, која треба да заврши така што би се добила правна согласност со која новата месна заедница би влегла во друга општина.
– Планот ни е месната заедница да опфати околу стотина македонски куќи, кои се сместени во еден дел од селото, од самопослугата во центарот, па нагоре. Тие се сконцентрирани на еден простор. Факт е дека на тоа подрачје има и неколку куќи, чии сопственици се со исламска вера, исто како што и во другиот дел од селото има неколку македонски куќи. Тоа не е проблем за да се дозволи наше осамостојување – велат нашите соговорници.
Според нив, најважно е што спорниот параклис се наоѓа на предвидената територија на новата месна заедница, па затоа би се отстраниле и проблемите за попречувањето на неговата изградба.
Решавањето на проблемот со параклисот и натаму се пролонгира, при што сè потешко станува да се одржат и заеднички средби.
– Пред неколку дена требаше да се одржи заедничкиот состанок на џамискиот и на црковниот одбор во селото, но тој се откажа. Причината било што не дошле неколку претставници – ни објаснија во селото.
Сè помали се шансите дека ќе се одржи и заедничката средба меѓу поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, и реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи. ИВЗ побара на таа средба првин да се расправа за старите проблеми за изградбата на џамиите во Прилеп и во Лажец, Битолско, а што е неизвесно дали ќе се случи.
Инаку, во Октиси, според пописот од 2002 година, имало околу 2.500 жители, од кои 955 се со православна вероисповед, а другите се со исламска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



