Бутик за лук. Еден и единствен во Македонија. Едно чешне чини 10 денари. Има и за 20 денари. На тезгата ќе забележите и врзопче од 50 денари кое се вика „Рамбо“. Муштериите му го дале името. Се продава и на килограми. Има за 200 и за 250 денари за килограм. Има и макало, направено исклучиво од лук, зејтин, сол и лимон. Чини од 80 до 180 денари во зависност од количината. Макалото е за гурмани, за оние кои уживаат во храната.
Нема кој не го знае и познава Бранко Бакарџиев на Зелено пазарче во Скопје. Тој 15 години има тезга на која продава исклучиво само лук и тоа македонски, а од тие 15 години осум години продава печурки „шитаке“. Од оваа тезга ја издржува и фамилијата. Лете, зиме, тој е тука, на тезгата. И на минус 15 степени и на плус 50. Лукот и печурките му се влезени под кожа и нема намера да се откаже од нив. Напротив, се надоградува постојано, чита, се информира…
– Доаѓаат луѓе и купуваат по едно, по две чешниња. Па се мислат дали да купат, па немале ситно…Уште владеат предрасуди околу лукот, им мирисал кога го јаделе. А не знаат колку е здрав за организмот – вели чичко Бранко.
Тој нема проблеми со крвниот притисок. Како од по книга му е. 120 со 80. И тоа со години наназад. Си нашол мир во тоа што го работи. Работата му е уживање. А и редовно користи лук во исхраната.
– Лукот на оваа тезга е македонски. Јас не продавам кинески лук. Во моментов на тезгата има два вида – едниот е пролетен, тој е од кумановскиот крај, а другиот е од село Дреново, кавадаречко. Од овие два вида лук го правам и макалото. Личи дека е едноставно, и навистина состојките се едноставни, ама си има свој мастраф. Од тој кинескиот лук што го има и по маркетите, а и по пазарите не се прави макалото. Едноставно не се „врзува“ лукот со маслото. Најпросто кажано, тој, кинескиот лук „бега“ од зејтинот – објаснува чичко Бранко.
Ова охридско макало како што го кажува Бранко многу често патува и во Австралија, Америка, Канда. Нашинци кои живеат таму, на лето кога доѓаат во Македонија, редовно купуваат и си носат за дома. На лето тој го продава само ова макало кое го препорачува и за јадења со место и со риба. Сега, на есен подготвува нови макала во кои освен лук и масло за јадење ќе има и рен, целер, магдонос, маслиново масло. Ги купуваат и луѓе кои уживаат во вкусови, но и луѓе со здравствени проблеми. (А.М.Б.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


