| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Пратеници на СДСМ во кампања земале милионски суми на струмичките тендери; СДСМ со контрапрашања

vmro-dpmne-sdsmВМРО-ДПМНЕ денеска објави документи за делење јавни набавки во Струмица при што, како велат, „семејно- политичкиот систем на Зоран Заев функционирал дури и во време на изборната кампањата во 2011 година“.

На ова обвинување реагираше СДСМ, од каде што посочија дека ВМРО- ДПМНЕ од струмичани направила популарни лица.

Пренесуваме делови од прес-конференциите:

Прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот Зоран Заев го именувал Панче Орцев за директор на ЈКПД Комуналец. Истиот тој е кандидат за пратеник од Струмица на парламентарните избори во 2011 година. Во тоа време Панче Орцев се уште од позиција на директор на ЈКПД Комуналец склучил договор за јавна набавка со фирмата на сопругот на кандидатот за пратеник од Струмица, Цветанка Иванова.

Имено додека кампањата за парламентарните избори во 2011, е во полн ек, на кои овие тројца биле кандидати, ЈКПД Комуналец на чело со Орцев на ден 27.05.2011 исплатува 3 625 053 денари на фирмата ДИКОР ЦД ДООЛ Струмица, во сопственост на Динчо Иванов сопруг на кандидатот за пратеник од СДСМ, Цветанка Иванова, за партерно уредување на кванташкиот пазар во Струмица.

Народски кажано, пратениците на СДСМ од Струмица си се помагале меѓу себе. Од едниот на другиот. Секако под патронат на Зоран Заев.

Очигледно системот на Зоран Заев за семејно богатење функционирал и за богатење на високи партиски функционери на СДСМ.

Ова е бессрамно.

Тројцата кандидати за пратеници учествувале директно во испумпување на милионски суми, средства на граѓаните на сметки на семејните фирми. Зарем и ова не е доволно Зоран Заев да излезе и да им извини на граѓаните за скандалозните јавни набавки.

Од доказите јасно се гледа дека семејно политичкиот октоподот во Струмица беспрекорно функционирал среде кампања.

Ова е крајно политички не морално.

Зар заради ова Панче Орцев и Цветанка Иванова се пратеници?

Зар ова е добро?

Зар за ова тие се наградени со пратенички функции?

Непотизмот и судирот на интереси во Струмица добива загрижувачки размери.

СДСМ и нивниот лидер треба да објаснат колку нивни функционери се заплетени во мрежата од семејно политички фирми. Знаеме дека немаат аргументи за да го објаснат овој огромен скандал со јавни набавки во Македонија, но барем е доблесно да го признаат и да се извинат.

Не им помагаат повеќе лажните и смешни оправдувања. Нивниот лидер, а очигледно и други високи функционери во СДСМ се до гуша заглавени во овој скандал.

Следува реакцијата од СДСМ:

Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ постигна извонреден успех.

Прво, успеа луѓето од Струмица, како Панче Орцев, Динчо Иванов и други да ги направи препознатливи и популарни во цела Македонија.

Второ, успеа да докаже како во општина Струмица, во легална законска процедура се добиваат тендери, и зошто владата не може да најде ама баш ништо незаконско во тендерските постапки во Струмица. За разлика од тендерите и анкесите на договорите што ги реализира владата на Никола Груевски.

По којзнае кој пат прашуваме кога Никола Груевски ќе одговори:

Дали е непотизам и судир на интереси назначувањето на првите братучеди и кумот на премиерот Груевски за контролори на севкупниот општествен и стопански живот во Македонија, преседан незабележан во поновата политичка историја на Европа?

Дали Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски се стекнал со фантастични една милијарда евра?

Како Гордана Јанкулоска, Влатко Ѓорчев и други високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, се збогатиле од чиновнички плати?

Дали Груевски, Мијалков и Ставрески се мозокот на операцијата во којашто, во последниве 7 години, се одлеани повеќе од 3,5 милијарди евра пари на граѓаните во непознат правец и во приватни џебови?

Уште еднаш ќе посочиме, на темата чест и морал, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, е подготвен на директно телевизиско соочување со Никола Груевски, кога премиерот ќе собере храброст за ваков јавен настап.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top