
Ниту на референдум сме го добиле името, ниту на референдум ќе го потврдуваме, ниту на референдум ќе го даваме. Тоа исконски ни припаѓа, порача лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски на вчерашното основачко собрание на партијата што се одржа во „Универзална сала“ во Скопје.
Основачкото собрание на партијата за претседател на партијата беше избран Стевчо Јакимовски кој им порача на присутните дека сака сака држава во која ќе има среќни и хумани луѓе, исполнети и реализирани граѓани, луѓе кои ќе си помагаат едни на други, кои ќе ги делат животните радости и таги, без делби и меѓусебна омраза.
– Затоа, во име на демократијата, да ја искористиме силата на ГРОМ за создавање на едно просперитетно општество, општество на сите граѓани на Македонија, без оглед на нација, вера, полова или каква било друга определба – порача Јакимовски.
Обраќајќи им се на Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите, Словенците и на Црногорците кои живеат во Македонија на нивниот мајчин јазик, лидерот на ГРОМ ја истакна тенденцијата на новиот политички субјект да гради мултиетничка партија која ќе го отсликува македонското општество во неговиот полн етнички, верски и културолошки колорит.
– Граѓанската опција за Македонија е тука за да изгради достоинствен свет кој на луѓето ќе им даде шанса за работа, за најмалите – безгрижно детство, за младите – иднина, за возрасните – сигурност. ГРОМ смета дека приоритет над сите приоритети е функционирањето на силна правна држава. Впрочем, затоа и постои државата: да ги запре насилниците, да ги оневозможи ајдуците, да ги казни криминалците и да ги заштити чесните и лојални граѓани, да ја врати вербата во правниот систем и да создаде доверба во државата – истакна Јакимовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


