Вардаровата навивачка група „Комити“ го збогати пријателството со симпатизерите на Шалке 04 и ќе патува на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Стеауа и германскиот состав, кој ќе се игра на 26 ноември во Букурешт. За нив билети обезбедија припадниците на „УГЕ“, група што навива за Шалке 04. „Комитите“ ќе навиваат за тимот од Гелзенкирхен, а ќе бараат реванш за елиминацијата на Вардар од Стеауа, во квалификациите за ЛШ.
Пријателството меѓу „Комити“ и „Уге“ датира од пред 9 години, кога двата тима играа во Интертото-купот.
Дружбата меѓу навивачките групи се продлабочи и на нивна иницијатива Шалке 04 во мај годинава гостуваше во Скопје и одигра пријателски натпревар против Вардар.
Потоа уште еден настан придонесе за зацврстување на пријателството, а Шалке 04 доби дополнителни симпатизери во Македонија. На бараж-дуелот со грчки ПАОК за влез во ЛШ, игран во Гелзенкирхен на „Велтинс арена“, навивачите на Шалке 04 не ѝ дозволија на полицијата да им го одземе македонското знаме со симболите од Кутлеш. Дојде до вистинска војна меѓу специјалната полиција и навивачите, германската жандармерија употреби прекумерна сила што предизвика револт во цела Германија.
Проработи и инаетот кај навивачите на Шалке, а армијата поддржувачи на клубот од Гелзенкирхен масовно го ставаа македонското знаме со 16 краци како свој симбол на социјалните мрежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



