Сите ние знаеме „одличен лек“ за секоја болест. Без разлика дали се работи за чир на желудник, покачени триглицериди, камен во жолчка или рак… Сите имаме по некој рецепт од баба, некој човек што лекува од сѐ, некој исцелител што прави чуда, масер што и од инвалид прави нормален човек…
Еден од примерите е Иван Исцелител, кој се фалеше дека бил во Америка за да демонстрира лекување најтешки болести за кои медицината и науката немаат лек. Тој многу „мудро“ објаснува дека „главоболка е кога ве боли главата“. Тој вели: кога доаѓа пациент, се откажува од апчиња и духот божји му ги обновува клетките и тој пациент сосема си оздрави од три терапии. Огласи има постојано – лекувам од хемороиди, топам камења во жолчка, лекувам неплодност… Често надрилекари завршувале в затвор поради измама на граѓани, откако, сакајќи да заработат лесно, продавале обична вода како лек што прави чуда. Не ретко од лековите што прават чуда луѓето завршуваат на клиника. Поразителен е податокот за соседна Србија, дека повеќе од 70 проценти родители ги воделе своите деца на надрилекари, на кои месечно, во просек, им плаќале од пет до 15.000 евра. За Македонија нема ваква статистика, но многумина признаваат дека маката ги натерала да дадат многу пари по бајачки, гатачки, биоенергетичари, исцелители…
– По препорака на колешка од работа купував некоја напивка од некоја баба, која топела камења во бубрег. Ја земав за мојот сопруг. Ја пиеше неколку месеци. Да, камењата се стопија, но по два-три месеци му се појавија сериозни проблеми со црниот дроб. Последиците беа од магичната напивка. Маката некогаш нѐ тера, без многу размислување, да веруваме во сѐ што ќе слушнеме – вели скопјанката Марија Стефановска.
Има и луѓе што имаат позитивно искуство. Скопјанката Јасмина Арсовска вели дека здравствената состојба на нејзината мајка, болна од рак, е значително подобрена откако почнала да пие напивка направена на база на црна коприва, набавена од Црна Гора. Ги произведувал некој повозрасен човек, кој живеел во планинско село, а за него дознале од разговори со луѓе.
Шеесетгодишната Невенка Велковска, пак, вели дека најмногу ѝ помогнала исхраната од нутриционист. Ѝ бил дијагностициран рак на белите дробови, а докторите ѝ прогнозирале шест месеци живот.
– Бев в кревет. Ми се роди внука. Едноставно, не сакав да заминам пред да видам како расте. Ми кажуваа разно-разни билки и препарати. Некако најсоодветен ми се виде нутриционизмот. Поминаа три и пол години откако ми рекоа дека имам шест месеци. Ракот не исчезнува, но не се шири. Мојата упорност, желбата за живот и исхраната ме одржуваат – вели таа.

Надрилекари и алтернативна медицина
Еден од проблемите кај Македонците е што не прават разлика меѓу алтернативна медицина и надрилекари. Дел од природните лекови имаат дозвола од Републичкиот завод за здравствена заштита, но поголем дел од нив немаат дозвола за продавање. Таков е случајот и со козметиката и со лековите што се продаваат исклучително со нарачка од одредени фирми. Науме Петковски од Ресен е еден од ретките билкари, кој за своите производи од лековити тревки има добиено одобрение од Републичкиот завод за здравствена заштита. Тој посочи дека има добиено одобрение за три производи, за други три очекува решението да го добие деновиве. Не сакаше да коментира додека и официјално не му пристигне одобрението за преостанатите препарати. Тој почнал да комбинира лековити билки сакајќи да си помогне себеси за болеста што ја имал на бубрезите. Но на интернет-страницата каде што се промовирани неговите лекови, стои дека треба да се следат и советите на лекарите, односно конвенционалната медицина.
– Вие го следите решавањето на вашите проблеми преку контролите на две недели, кои си ги правите пред вашиот доктор, за што може сами да се уверите во нивната ефикасност доколку ги следите советите и упатствата дадени на оваа страница и, секако, во консултации со вашиот лекар.
И доктор Миленко Костов, неврохирург, смета дека алтернативната медицина има свое место во третманот на болните, но тоа мора да биде во консултација со лекар.
– Алтернативната медицина, секако, има свое место во третманот на болните. Но, само како дополнение и во координација со лекар. Вака се намалува на минимум можноста за евентуално несакано дејство. Искрено, не сум убеден дека алтернативната медицина би можела, а и не би требало да биде користена како единствена терапевтска опција – вели д-р Костов.
Тој нагласува дека не ретко имале случаи кога пациенти се враќаат со влошена состојба откако решиле да се лекуваат кај нелиценцирани лица.
– Сме биле сведоци и кога пациенти се враќаат со влошена здравствена состојба поради лекување кај надрилекари. Особено кога нелиценцирани лица вршат некаков тип на физикална терапија, или се даваат некои алтернативни препарати, кои влијаат на кардио-васкуларниот систем – додава д-р Костов.
Дел од тие што посетиле физиотерапевти што работат дома се задоволни и сметаат дека им помогнал, но дел, пак, велат дека состојбата само им се влошила.
– Бев двапати на масери или физиотерапевти, како што самите се кажуваат. Еднаш кај еден од тие т.н. местачи. Ја свиткав ногата и по препорака на матичната докторка отидов кај него. Ден денес имам последици бидејќи се работело за повредени лигаменти, а тоа вртење на ногата, што ужасно болеше, само ја влоши состојбата. Истиот проблем го имав и со масажа на половина. Следниот ден не станав од кревет – вели скопјанецот Горан Стојковски.
Хомеопатија и акупунктура
Хомеопатијата е само еден пример на алтернативна медицина во земјава. Дел од хомеопатските лекови имаат дозвола за продавање и ги има во аптеките низ земјава, но има и лекови што се продаваат во самите ординации на хомеопатите. Разговаравме со докторката Билјана Ѓуроска, која се занимава со хомеопатија. Вели дека и високообразовани луѓе не прават разлика меѓу надрилекари и алтернативна медицина. На прашањето дали Македонците се запознаени со алтернативна медицина одговара:
– Од моја перспектива да, луѓето во Македонија се запознаени со алтернативата, но тоа го правам од процена на моите пациенти, кои верувам дека покрај хомеопатијата се запознаени и со другите алтернативни методи на лекување. Мој совет, направете анкета во Македонија за да добиете одговор на ова прашање. Пред шест години луѓето не правеа разлика меѓу надрилекари и хомеопат. Впрочем, тоа не е некоја реткост, бидејќи и високообразовани луѓе, кои се запознаени со повеќе методи на лекување, не знаат да дефинираат надрилекар, па така во еден официјален текст од Министерство за здравство КАМ (комплементарна и алтернативна медицина) техниките се именувани како надрилекарства.
Хемотерапија – штетна или корисна
Често слушаме критики на адреса на хемотерапијата како медицински третман во кој „со одредени хемиски средства што се вметнуваат директно во крвотокот, се трујат и убиваат клетките во човечкиот организам“. Целта, според критичарите на овој третман, е да се убијат тие што содржат некои микроорганизми или канцерогени клетки. Но, при пренесувањето преку крвта овие отровни хемикалии низ целиот организам убивале и многу здрави клетки и правеле огромни разорувања. Единствен начин да се оправда користењето на хемотерапијата, според критиките, е доколку овие третмани значајно го продолжуваат животот на пациентот. Онколозите со кои контактираме го избегнаа одговорот на прашањето дали хемотерапијата е штетна за целиот организам.
Д-р Ѓуроска избрала да се занимава со хомеопатија откако успеала на тој начин да ја победи болеста што ја имала.
– За моја среќа, јас за првпат се сретнав со хомеопатијата кога бев апсолвент на медицински факултет. Ја пробав за сопствен здравствен проблем, за кој од класичната медицина добив дијагноза дека се лекуваат симптомите, но дека не може никогаш да се ослободам од заболувањето и дека треба многу долго време да бидам на различни терапии. Хомеопатијата ми помогна за една година целосно да се вратам во рамнотежа. Не само со физичкото здравје туку и ме урамнотежи и ментално и емотивно. И јас така се вљубив во хомеопатијата – вели таа.

Докторката објаснува дека хомеопатијата е научен систем, кој се базира на принципот на сличност и притоа се користат лекови што се разредени во бескрајно мали дози. Принципот на сличност вели дека хомеопатскиот лек лекува симптоми што се јавуваат кога супстанцијата од која е направен ќе се даде на здрав човек во токсични дози, односно сите симптоми што ќе ги предизвика токсичната доза кај здравиот човек, хомеопатскиот лек од таа супстанција ќе може да ги лекува, на пример Arsenicum album, познат отров, кој предизвикува акутно, субакутно и хронично труење.
Нема закон за бајачите
Во Законот за здравствено осигурување е наведено дека задолжителното здравствено осигурување не покрива лекување од последици на третман од надрилекари или од употреба на надрилекарства. Агенцијата за храна, пак, најави дека од 1 јануари в година ниту една фирма нема да може да рекламира одредена нутритивна вредност на храната ниту, пак, да објавува дека го подобрува здравјето ако за тоа нема посебно одобрување од Агенцијата за храна. За таа цел веќе е формирана комисија, која ќе ги издава одобренијата за здравствени тврдења за храната.
– Секоја фирма што има намера да рекламира дека одреден производ има позитивни влијанија врз здравјето на луѓето ќе мора да поднесе барање до комисијата, која ќе одреди дали таа реклама е соодветна за него. Ќе се разгледуваат здравствените тврдења, кои се однесуваат на намалување на ризикот од болест или за развој на децата и на нивното здравје. За да биде прифатено одредено барање, освен другата документација, производот мора да има и клиничка студија, која е доказ за рекламата – велат во Агенцијата за храна.
Списокот со здравствените тврдења за одреден производ ќе се објавува постојано на веб-страницата на Агенцијата за храна, а ќе има и посебен список за поднесени и неодобрени тврдења. За нив ќе се објавува и причината поради која не добиле дозвола за реклама на одредена храна.
Од друга страна, пак, дејствувањето на бајачите кај нас не е санкционирано со закон. Државните инспектори дејствуваат само кога има измами или друг вид пријави. Бајачите не се контролираат и покрај очигледните сознанија дека даваат одреден вид „лекови и здравствени совети“ и дека се остваруваат непријавени приходи бидејќи немаат тарифник, туку оставаат на муштеријата да остави колку смета дека треба и може. Од Бирото за лекови, пак, велат дека за производство на лекови мора да има дозвола.
На интернет можете да најдете разни информации за хомеопатијата – позитивни и негативни. Луѓето имаат разни искуства, многумина се презадоволни, други скептични дека овој тип на лекови може да им помогне. Една од негативните информации е дека лековите се токсични и оставаат лоши последици на организмот. Ѓуроска вели дека хомеопатските лекови немаат несакани симптоми и контраиндикации. Односно, со хомеопатските лекови се прави урамнотежување во организмот и притоа не постои опасност дека може да се наруши работата на некој друг орган.
– Повеќе сум слушнала дека се плацебо отколку дека се токсични. Значи станува збор за бескрајно мали дози, чиешто присуство се открива со калориметрија – коментира таа.
Многумина се задоволни и од акупунктурата, како и од сребрената вода. Сериозни научни проучувања покажуваат дека акупунктурата функционира. Според таа статија во „Волстрит журнал“, преку снимање на мозокот се дошло до заклучок дека таа ги смирува деловите од мозокот што ја регистрираат болката и ги активира тие што се задолжени за одмор и за закрепување. Многумина велат дека акупунктурата им помогнала да избегнат операција на `рбет.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 55. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


