| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмени од Бостон

Boston biznis forum gruevski

Премиерот Никола Груевски вчера се обрати на бизнис-форум во Бостон организиран во соработка со бизнис-центарот на Масачусетс, каде што на присутните претставници од 40 компании од САД, од областа на текстилната индустрија, туризмот, производството, образованието и медицината, им ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија.

Премиерот Груевски пред бостонските бизнисмени ги истакна најнискиот даночен пакет во Европа кој постои во нашата земја, обезбедените пазари од над 600 милиони потрошувачи преку договорите за слободна трговија, поволностите во технолошко- индустриските развојни зони и едуцираната работна сила. Тој ги повика да ја посетат Македонија и да се уверат во презентираните факти, и да согледаат дека постои простор за нивни инвестиции и водење профитабилен бизнис.

Boston biznis forum gruevski1

Премиерот Груевски изрази задоволство од одржаните три форуми во рамки на посетата на САД, и даде позитивнa оценка за нивната успешност.

– Практично, денеска ги завршивме бизнис-форумите, ова беше нашиот трет бизнис-форум овде во Бостон. Mожам да кажам дека сите три форуми беа успешни, имавме над сто компании кои присуствуваа на овие форуми, покажаа голем интерес, многу прашања, многу дискусии, со многу од нив имавме и засебни средби, така што имам очекување и постои простор дека со дел од нив ќе ги продолжиме контактите со верба дека со некои од нив ќе успееме да направиме аранжман, односно тие да дојдат во Македонија и да отворат своја компанија и да изградат своја компанија. Тоа е и нашата цел на ова доаѓање, да ги анимираме потенцијалните инвеститори да дојдат на прво соочување со фактите околу Македонија, а подоцна преку продолжени разговори со нив и дискусии и одговори на многу нивни прашања да успееме дел од нив да ги привлечеме да отворат нови работни места во Република Македонија – изјави премиерот Груевски.

 

Американските бизнисмени присутни на форумот позитивно ги оценија поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори, а некои од нив истакнаа дека се во завршна фаза на обезбедување бизнис со македонски компании или, пак, бизнис во Република Македонија.

Кети Кутрубес од компанијата „Кутрубес травел“ истакна дека нејзиниот бизнис-проект за реализација на туристички посети на американски граѓани во Република Македонија се одвива добро и е во напредна фаза.

 

– Работиме на проект од областа на туризмот во соработка со археолошкото друштво на САД, проект кој опфаќа носење туристи за да ги посетуваат туристичките знаменитости. Моментално го развиваме проектот во соработка со „Инвест Македонија“ и се надеваме дека проектот ќе почне во мај и во септември 2014 година. Тоа е еден висок вид туризам при кој туристите трошат и до 8000 долари по тура и мислам дека е проект на иднината – истакна Кутрубес.

 

Сопственичката на американската текстилна компанија „Блустон“, Бети Џеко, истакна дека ја разгледува опцијата за ангажирање македонски текстилни компании во функција на нејзиниот бизнис.

– Што се однесува до мојата компанија, јас сум заинтересирана да обезбедам нови снабдувачи на текстилни производи од Македонија и јас, всушност, ја посетив Македонија, ги посетив текстилните компании, и видов дека се многу професионални, искрени и трудољубиви луѓе – истакна Џеко.

 

Со бизнис-форумот во Бостон заврши економскиот дел од посетата на владината делегација на Соединетите Американски Држави. Во текот на денешниот ден премиерот Никола Груевски ќе има обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top