Заминав тивко, но се враќам со посебна радост и гордост! Четвртата по ред „Турковизија“ ја донесе и првата награда за македонски претставник. На панданот на европската „Евровизија“ учествуваат претставници од 28 земји од Европа и од дел од Азија. Иако тоа не е практика, организаторите оваа година за првпат доделија награда за најдобра интерпретација и за претставување на својата земја, и тоа на нашата Сања Лефкова.
– Чувството што ме обзема, збунетоста, тремата, беа карактеристика на безрезервна радост. Очите ми беа исполнети со солзи-радосници – ни пиша Сања веднаш по завршувањето на фестивалот.
Сања одушевено раскажува за својот настап и за целиот впечаток од престојот, пречекот и од организацијата. Вели фестивалот е ревијален и нема официјални победници.
– Сите сме победници. Сепак, гордоста е огромна кога самите организатори ќе ви нагласат дека имате е признание за најдобра интерпретација во една пријателска ревијална изведба. Наградата со која ме одликуваа е од посебно значење за мене, дефинитивно, искуство што во мене буди и носи нови остварувања. Заминав тивко, но се враќам со посебна радост и гордост! – додава таа.
Покрај настапот со две нејзини песни, Сања запеа и на турски. Токму тој настап, нејзиниот изглед, интерпретација, изведба, беа тоа што ја одушеви публиката.
– Песната ја добив по случаен избор, но, секако, посветив посебно внимание. Сепак ,не ја изведував на мајчин јазик, туку на турски. Но, не ми причинуваше тешкотија , иако немам некакво познавање од турскиот јазик. Во соработка и со помош на менаџерот Адил Вокер, одлично ја сработивме изведбата на турски јазик. Подготовките траеја цел месец , за мојот изглед, настап. Соработката што ја остварував досега со мојот стилист Кире Кречев и со мојот шминкер Владимир Трајковски уште еднаш даде резултат, безрезервно сум им благодарна затоа што секогаш вистински се трудат да изгледам прекрасно. Соработката со Билјана Ѓоргиева и со Анита Русевска, Габи Куциевска и со Билјана Апостоловска беше одлична, како дел од мојот тим, кој е составен од вистински професионалци!
Сања наскоро се враќа во Македонија, а веќе подготвува нова песна. Следен аранжман за неа е и настапот на „Макфест 2013“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.