Продолжува судењето против шестемина обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, близу Скопје, извршено на 12 април минатата година, на празникот Велики Четврток. Во текот на вчерашниот ден беа сослушани двајца од обвинетите.
Агим Исмаиловиќ, кој се товари дека е еден од извршителите на убиството, на вчерашното сослушување ги отфрли обвинувањата, велејќи дека никогаш не бил на Смилковското Езеро, само поминувал покрај него кога одел на гробишта, на денот на убиството бил на молитва во џамијата во Сингелиќ и работел на канализацијата на неговата куќа. Негвоиот исказ е спротивен на тврдењето на заштитениот сведок и еден од обвинетите Хаки Азири. Во периодот од 18:30 до 19 часот бил на работа во интернет-кафуле во Сингелиќ, со кое стопанисувале неговиот брат Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, и двајцата обвинети, кои се во бегство.
На прашањето дали знае каде е неговиот брат Африм, Исмаиловиќ изјави дека не знае каде еö дека не го видел од крајот на април минатата година и дека никогаш, ниту тој, ниту брат му, не биле во Авганистан или во некоја од арапските земји.
Сослушан беше и Фејзи Азири, обвинет за организација и логистика на петкратното убиството. На денот на убиството, како што рече во неговиот исказ, бил на неговата фарма во Белимбегово, имал средба со неколку пријатели и, во 22 часот, се вратил дома. Прашан дали ги познава другите обвинети, рече дека од нив ги познава само неговите внуци, Хаки Азири и Алил Демири.
Во случајот „Монструм“ се обвинети шестмина, од кои на двајца им се суди во отсуство. Судењето почна на 20 декември, но беше одложено на барање на одбраната, која побара увид во списите на предметот, тврдејќи дека им бил ограничен пристапот до доказите.
Обвинителката Гордана Гешковска барањето го оцени како одолговлекување на постапката. Според неа, адвокатите на обвинетите имале можност да направат увид во доказниот материјал, но за тоа немало никаква иницијатива од нив.
Обвинетите се товарат за тероризам. Нивната цел, според обвинителниот акт, била да предизвикаат чуство на несигурност и страв кај населението, преку убиство на граѓани од македонска националност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


