| четврток, 6 декември 2018 |

Општини ги продаваат подарените скопски автобуси

kamenuvan-avtobus

Дел од општините кои неодамна побараа и добија користени автобуси од ЈСП, сега ги даваат на продажба, јавува телевизијата Алфа. Во моментов актуелна е општина Кривогаштани, која во дневниот печат има објавено ваков оглас. Едното возило се продава со почетна цена од 4.000, другото за 3.000 евра. Причината што ги оттуѓуваат автобусите кои самите ги побарале, од општината велат дека е нивната неупотребливост.

– Автобусите се стари и дотраени, постојано се расипуваат. За нив нема делови зошто се стари и претставуваат дополнителен трошок на буџетот на Општина Кривогаштани со нив невозможно е да се врши превоз на ученици – велат, меѓу другото, од општина Кривогаштани.

Од општината велат и дека автобусите ги добиле со договор за донација без понатамошни обврски, што значи дека немаат забрана да ги оттуѓат.

Според информации на Алфа, на ваков чекор веќе се одлучиле уште две други општини. Сличен обид направиле во Кочани, но дали, зошто и за колку пари ги продале автобусите одговор не добиле ниту од градоначалникот ниту од локалната администрација. За разлика од нив, продажбата успеала во Делчево. „Подарокот“ тежок 10 до 11 тона бил продаден за само 72.000 денари, што изгледа евтино дури и ако се земе во предвид цената од 10.000 до 13.000 денари по тон старо железо во депониите. За продажбата на автобусот кој пред првата аукција бил проценет на 367 000 денари, а која била договорена два дена пред вториот круг локални избори, сегашниот градоначлник не сака многу да коментира.

– Таа продажба е извршена од мојот претходник така што не би можел да коментирам за причините. Лично не сум согласен со продажбата. Сигурно барем вреди повеќе од 72.000 денари – вели за Алфа градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански.

Според информациите од ЈСП, Скопје подари вкупно 80 автобуси во околу 40 општини. Возилата стари и по 30 години, претходно сообраќаа по скопските улици, но станаа вишок откако Владата купи нови за главниот град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top