| четврток, 6 декември 2018 |

Џон Перкинс, „економски убиец“ објаснува како економски се убиваат малите земји!

Порталот Курир“ објави интервју со Џон Перкинс, кое го пренесуваме.

– Прво настапуваат „економски платени убијци“, кои доколку не успеат да ги корумпираат шефовите на Владите или државните претседатели за остварување на  целите, на сцена стапуваат луѓе задолжени за соборување Влади или убивање лидери. И дури тогаш ја праќаме војската. Таа е последно средство.

Ова е шокантниот исповед на Џон Перкинс, кој во текот на изминатите години беше водечки светски економист, односно „економски убиец“, кој на креирање на глобалната империја работел директно со раководителите на Светската банка, ММФ и други светски финансиски институции.

По колапсот на Светскиот трговски центар во Њујоркво најголема тајност, Џон Перкинс напишал книга за своето искуство: „Исповеди на економскиот убиец“ .

Веднаш по објавувањето и кратка презентација на ова дело во емисијата „Демократијата сега“ во разговор со Ејми Гудман, книгата стана најдобро продавана на интернет. Потоа следеа и делата „Тајната историја на Американската империја: Економски убијци“, „Чакали и вистината за глобалната корупција“ и „Hoodwinked“ (2009 година).

Вие сте човекот чии книги го потресоа светот. Биографијата ве опишува како човек кој живее 4 животи: како економски и платен убиец, управен директор на една многу успешна компанија за производство на алтернативна енергија, експерт за домородна култура и како учител и писател кој промовира екологија. И кога човек почнува да истражува подлабоко во вашиот живот, се поставува прашањето како воопшто е можно да се направи таков пресврт?

-Описот кој го дадовте многу добро го сумира мојот живот. Мислам дека е фер да се каже дека живеам привилегиран живот во многу негови аспекти, иако како економски платен убиец правев работи со кои не се гордеам. Својот живот, после тој период го посветив на правење подобар свет, за мојот 3-годишен внук и секое дете во САД би можело да живее во праведен и мирен свет и секое дете без оглед на тоа дали расте во Боливија, Србија, Израел или Палестина да има иста можност. Ние денеска живееме во високо интегриран свет, свет на голема меѓусебна поврзаност и сите мораме да се вклучиме во неговото создвање. Тоа е целта на која после 1981 година го посветив својот живот.

Во бројните интервјуа кои ги дадовте по појавувањето на книгата „Исповед на економскиот убиец“, тврдите дека луѓето кои работеле како економски убијци ја направиле првата вистинска глобална империја.

-Да, точно така. Првата глобална империја која е направена без основно вклучување на војската. Работевме на многу разни начини. Прво, кога би била идентификувана земја од третиот свет која поседува ресурси кои се од суштинско значење, како што е нафтата, настапуваме со амбиција земјата да се задолжи на ММФ и Светската банка, сестрински организации на Фондот, при што парите вистински никогаш не би завршувале во таа земја, туку во големите корпорации, како и кај реализаторите на инфраструктурни проекти, како што се електрани, сообраќајници и индустриски постојби. Парите со кои земјата се задолжува, по правило од една страна завршуваат кај неколку филијали (на кои што им носи големо богатство) во таа земја како и во корпорациите, а никогаш не носи добро за мнозинството луѓе кои во текот на тој процес осиромашуваат до таа мера, што веќе не можат да ги подмират трошоците за струја, или да купуваат бензин како би возеле по автопатиштата кои се направени токму од тие пари. А индустриските паркови и постојби не вработуваат многу луѓе. Во исто време земјата се оптертува со долгови кои не може да ги врати и тоа е нашиот момент, оној на кој сме чекале. Тогаш се враќаме во земјата и велиме: Бидејќи не можете да ги вратите долговите, вие, по цена која ние ќе ја одредиме, ќе ги продадете на нашата компанија своите извори на нафта, најпрофитабилните претпријатија, изворите на вода и минералните ресурси. И ние тогаш ќе ги искористиме, без обврски да почитуваме било какви закони за заштита на природната средина. Ние не дозволуваме, работата на тие компании да ја условувате со било какви еколошки законски ограничувања. Или: дозволете ни да направиме воена база на вашата земја.“

Како вие станавте економски убиец?

-Кога завршив училиште за бизнис на Бостонскиот универзитет, бев регрутиран од страна на „Агенцијата за национална безбедност“ (НСА), најголемата национална агенција од тој тип и би рекол, најтајната шпионска организација. Иако луѓето мислат дека ЦИА е поголема, НСА е многу многу поголема или барем беше во времето кога јас работев за оваа агенција….

Патувавте речиси секаде: во Африка, Азија, Европа, латинска Америка и на Средниот Исток. Дали работата економски убиец во овие континенти, земји, градови се одвиваше онака како што опишавте?

Да, мојата работа секаде беше иста: да се обидам да ги земам природните човечки ресурси во тие земји за потребите на американските корпорации и американската империјалистичка политика. За таа цел, механизмите на задолжување на ММФ и СБ, генерално беа применети. Во некои случаи не успеав лидерите на земјите да ги убедам да ги стават на располагање ресурсите на својата земја. Во своите книги пишува за тоа, како не бев во можност да го корумпирам демократски избраниот претседател на Еквадор Јаима Ролдос и панамскиот претседател Омар Торихос. Нив не успеав да ги убедам да ги стават ресурсите на својата земја во позиција која ние ја предвидовме. И Ролдос и Торихос беа убиени. ЦИА тоа го поддржа зошто овие два претседатели не можеа да бидат корумпирани, подмитени или уценети на било кој начин.

Кажете ни повеќе за човекот со кој воспоставивте близок однос и станавте пријател, Омар Торихос. Дали неговото убиство ве мотивираше да ги изнесете своите искуства за економските убијци?

Му се восхитувам на овој претседател на Панама. Моја работа беше да го корумпирам, да го наведам да работи во склад со нашите интереси, да го промени политичкиот курс кој го застапуваше и да работи спротивно на изборните ветувања кои ги даде пред народот. Тој ми рече: „Не ми требаат вашите пари, имам добра куќа, добра кола, доволно сребро, морам да го направам тоа што навистина му е потребно на мојот народ, да го ослободам“. А за да бидат слободни, Панамскиот канал мораше да биде во нивни раце. Јас бев зачуден од ваквиот негов одговор, од една страна почуствував восхит кон таквата некорумпираност и интегритет, а од друга страна се чуствував непријатно како професионалец кој не успеа да си ја заврши работата. Знаев дека животот ќе му биде во опасност, а мојата вознемиреност беше сосема оправдана. Торихос наводно загина во авионска несреќа со својот приватен авион, бев шокиран и длабоко вознемирен.

И претседателот на Еквадор, Ролдос настрада на ист начин, во наводна авионска несреќа со приватниот авион.

Да, Ролдос е убиен во мај 1981 година. И кога Ролдос загина, Торихос го собра своето семејство и му кажа: Јас најверојатно сум следен, но јас сум подготвен да одам. Го вративме каналот и мојата мисија е завршена. Два месеци по она што му се случи на Ролдос, истото го снајде и Торихос. За жал, негов наследник беше Мануел Нориега, кој беше сосема спротивен од неговиот претходник, стана симбол за корупција.

Како се одлучивте да ги обелодените своите искуства на економски убиец?

Кога во 1981 година, после 10 години престанав да се занимавам со работата економски убиец, почнав да пишувам за своите искуства и пробав да контактирам и со други економски убијци, за да ги дознаам и нивните животни приказни. За возврат, почнав да добивам анонимни заканувачки повици. Овие закани најчесто се однесуваа по животот на мојата ќерка, која се уште беше дете, така што нејзиниот живот исто така беше загрозен. Тогаш на вечера ме повика сопственикот на компанијата Стун енд Вебстер и на тој прв состанок ги спомена некои од книгите кои сум ги напишал за домородците и рече: Тоа е убаво, тоа е во ред, продолжите да се занимавате со својата непрофитна работа. Ние тоа го одобруваме, но никогаш нема да пишувате за оваа индустрија, зар не? за возврат ќе ви платиме половина милион долари”. Ми беше понудено мито, јас прифатив мито од половина милион долари. Тоа е она што се вика легално мито, но тоа сепак беше мито.

Во своите наредни книги, „Тајната историја на американската империја” и Худвинкед изнесувате искуства на други „економски убијци”. Што можете да кажете за ова и кои од тие искуства ги сметате за најмногу откривачки?

Книгата „Тајната историја на Сад” сакав да ја поврзам со периодот во кој работев како „економски убиец”, кој траеше помеѓу 1971 и 1981 година. Оваа книга поврзува и објаснува случувања кои моментално се одигруваат, а го покажуваат вистинското лице на агресивните, коруптивните корпоративни корпорации кои цели земји и народи ги однесе во пропаст. Воспоставена е тиранија која го доведе светот до точка во која или нешто ќе се промени, или се ќе отиде по ѓаволите. Во книгата „Худвинкед” објаснувам зошто се срушија светските финансиски пазари и што е потребно ние да направиме за ситуацијата да се среди. Важно е да се сфатат причините кои доведоа до кризата. Во периодот од седумдесеттите години од минатиот век па наваму, а особено во 80-тите, направивиме мутант, вирусен облик на капитализам. Тоа е посебна врста капитализам, развиена во времето на Реган и Милтон Фридман кои направија формула со единствена цел, максимизација на профитот и тоа без оглед на социјалните и еколошките трошоци. Станува збор за ограбувачки облик на капитализам, бидејќи е отворена пандорината кутија од која излезе крајно нестабилна и неправедна ситуација опасна по светот.

Дали сте запознаени со процесот на распаѓање на Југославија и подоцнежните случувања во Србија? Дали имате информации од „економски убијци” кои биле на Балканот

Знаете, сакам да говорам само за своите искуства, за местата на кои сум бил лично, а јас секако не сум бил во вашиот дел од светот, ниту пак имам информации од луѓе кои биле таму ангажирани. Секако ги следев случувањата преку медиумите, но не сакам да шпекулирам. Сакам да изнесувам непосредни факти и докази.

Дали мислите дека случувањата во историјата на САД, како што се убиствато на Џон Кенеди, Мартин Лутер Кинг, Роберт Кенеди, терористичките напади од 11-ти септември, се поврзани на внатрешен начин, за да покажат дека тие се дел од една иста матрица која не дозволува плановите да се остварат?

Никогаш не сум верувал дека нам ни е кажана вистината за било кое од овие случувања и за тоа пишував неодамна во текстовите во Хафингтон Пост. Кенеди се конфронтираше со големи корпорации каква што е US Steel, исто така и со ЦИА кога одби да поддржи акции. Корпоративна Америка, ЦИА и Пентагон станаа големи противници на Џон Кенеди и затоа неговото убиство можеше да се предвиди, а после тоа и убиството на неговиот брат Роберт, кој беше запознаен со сите тие случувања, а потоа и Мартин Лутер Кинг.

Избегнувате да говорите за постојани меѓународни заговори. Дали мислите дека можеме да ги избегнеме замките кои ни ги поставува корпоратократијата?

Целта на Корпоратократијата е максимизација на профитот без оглед на последиците. Таа идеја да корпорациите за ништо не се одговорни, освен за постигнување на максималниот профит е болна, но тоа е идеја која ја води корпорацијата. Ние пак, обичните луѓе имаме голема моќ, без разлика дали живееме во Србија, Америка или Конго. Имаме моќ, но мораме да научиме како да ја употребиме. Ние во САД мораме да бидеме свесни дека пазарот е демократски, дека големите корпорации имаат моќ бидејќи ние ги купуваме нивните производи. Тоа е единствената причина за нивното постоење. Ако на пример, одбиеме да купиме Најк производи поради тоа што ги произведуваат робови од Индонезија и пратиме порака до Најк дека тоа е причината поради која не сакаме повеќе да ги купуваме нивните производи, оваа корпорација ќе мора да ги смени условите за работа или ќе остане без работа. Ние во Америка своевремено застанавме против апартхејдот во Јужна Африка, ги бојкотиравме компаниите кои ги поддржуваа и тие се откажаа од апартхејдот. Затоа, искрено се надевам дека работите можеме да ги смениме, бидејќи оваа империја, оваа тајна империја е и економска империја. Како економска империја можеме секогаш да ја поразиме и тоа само доколку сме свесни дека кога купуваме некој производ, ние всушност гласаме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top