Родителите на убиените момчиња бараат забрзување на постапката.
Судењето за случајот „Монструм“ премногу се одолжува, повторно се пожалија родителите на убиените момчиња кај Смиљковско Езеро. Тие очекуваат да се откријат и јавно да се кажат со име и презиме сопствениците на црвениот „опел“ и на црниот џип, кои биле користени при масакрот.
Црниот џип што го спомена таткото на Александар Накевски, момчето што беше убиено во масакрот кај Смиљковско Езеро, Горан Накевски, досега не беше споменат на судењето.
– Од тоа што го слушнавме досега, што го видовме од материјалните докази, има многу предмети на децата. Очекуваме со име и со презиме да се кажат сопствениците на „опелот“ и на црниот џип што учествувале при извршувањето на злосторството над децата. Тие автомобили мора да имаат сопственик, макар да е од Германија – изјави Накевски.
Денешното судско рочиште доцнеше еден и пол час и беше одложено за 16 октомври.
Тројца од обвинетите, Алил Демири, кој е во бегство, Фејзи Азири и Хаки Азири, имаат нов адвокат – Ѓорѓи Настевски, кој бил во роднинска врска со еден од поротниците во судењето. Поротникот му бил внук од прва братучетка на адвокатот. За негово евентуално изоставување од судскиот процес ќе решава претседателот на Кривичниот суд.
Се очекува Обвинителството да се изјасни и за Сами Љута, новиот обвинет, кој беше приведен месецов под сомнение дека чувал стража додека траел масакрот кај Смиљковско Езеро. Тој е во притвор и истрагата за него е во тек.
На првообвинетите во случајот, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, им се суди во Косово за нелегално поседување оружје. Минатата година на Величетврток без никаква причина беа убиени четири момчиња и еден рибар кај Смиљковско Езеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



