Премиерот Никола Груевски, во рамки на посетата на САД, се сретна со Кристофер Форбс, потпретседателот на корпорацијата Форбс, со кого го потпишаа Договор за соработка на полето на привлекувањето на странските инвестиции помеѓу Република Македонија и корпорацијата Форбс.
– Се работи, пред се, за соработка која што ќе биде во правец на организирање на наша презентација пред поголем број на бизнисмени и компании во три града, Њуjoрк, Лондон и Лос Анџелес, презентација пред значајни квалитетни инвеститори од аспект на тоа дека се работи за крупни и богати инвеститори, пред кои што Македонија ќе се претстави, а ќе биде во организација на Форбс бидејќи тие се и нивни клиенти и нивни добри и познати компании со кои тие со години соработуваат. Компаниите ќе бидат поканети од страна на Форбс, а Македонија ќе биде таа што ќе изврши презентација. Покрај ова, ќе имаме соработка и во делот на нивниот основен бизнис, а тоа е магазинот Форбс каде што ќе имаме во различни месеци вкупно осум изданија на цела страница за Македонија и нашите поволности за инвеститорите-, изјави премиерот Никола Груевски по потпишувањето на Договорот.
Груевски и Форбс разговараа за можностите за остварување на соработка на полето на привлекувањето на странски инвестиции и во областа на советувањето за реализација на економските политики. Разгледани се и конкретни економски политики, мерки и активности, кои водат кон унапредување на бизнис климата, со акцент на даночниот пакет и даночната политика. Потпретседателот Кристијан Форбс даде позитивни оценки за македонските активности за привлекување на странски инвестиции, и изрази позитивни очекувања од претстојната соработка со Република Македонија.
-Форбс има скоро стогодишнo искуство во соработка со бизнис лидери во која меѓу другото советуваме каде да се инвестира. Ние сме среќни што ќе работиме со Македонија и ќе ги промовираме можностите кои ги овозможува Македонија, како што е неверојатно добриот даночен режим, рамниот данок што како стратегии Форбс ги поддржува, како и пријателската бизнис околина која што можеби некои локални светски бизнис лидери не ја познаваат, и ние ќе работиме со македонската Влада за да ја промовираме таа порака- изјави потпретседателот на Форбс по потпишувањето.
Со договорот е предвидено корпорацијата Форбс да учествува во организацијата на бизнис форуми на кои Република Македонија ги презентира поволностите и можностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори, ангажман на корпорацијата Форбс во обезбедување на компании кои присуствуваат на бизнис форумите, а кои се заинтересирани за ширење на своите капацитети и лобирање кон нив, како и маркетинг на корпорацијата Форбс во интерес на нашата земја во насока на промоција на македонските потенцијали за привлекување на странски инвестиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


