| четврток, 6 декември 2018 |

Нина Ангеловска: Со „Форбс“ се најдов на врвот на планината што ја искачував седум години

Нина Ангеловска (29) – основач на „Групер.мк“, се најде на европската листа на „Форбс“ на најдобри претприемачи под 30 години. Таа за „Република“ открива дека ова достигнување го доживеала како да е на врвот на планината што ја качува 7 години.. навистина уникатно, почестено, мотивирано, емотивно…

Република: Какво е чувството да се најдеш меѓу највлијателните луѓе во Европа под 30 години?

Кога напорната работа и труд ќе бидат препознаени секогаш е големо задоволство и мотивација за понатаму. Кога дипломирав вложениот труд за време на студиите ми беше препознаен со признанието за најдобар студент на генерација, а веднаш потоа ја добив и Франк Манинговата награда. Откако го започнав Grouper и влегов во бизнис водите и трката за промена на е-трговијата во Македонија напорната работа ми беше препознаена со неколку домашни признанија меѓу кои “55 највлијателни жени за 2015 година” од Теа Модерна и “5 личности кои оставија печат во 2016 година” од Утрински весник. Потоа следеше едно поголемо интернационално признание во 2016 година кога бев вброена во листата на 100 жени основачи од Европа, составена од германскиот магазин The Hundert која потоа ја сподели и Forbes и тогаш самото споделување од Forbes ми личеше многу големо. Пред еден месец бев одбрана како единствен претприемач од Македонија, благодарение на Американсаката амбасада која го препозна мојот потенцијал и имав чест да присуствувам на најголемиот глобален самит за претприемништво во Индиа (Global Entreprenurship Summit).

Сега кога се најдов на листата на Forbes “30 Under 30” го достигнав најголемото и најпрестижно признание до сега. Кога го слушав говорот на уредникот на Forbes на прославата во Лондон, Randall Lane како кажува дека по исцрпната потрага да ги најдат младите лидери во Европа и 20.000 номинации ние сме најдобрите од најдобрите и дека ова е најпрестижниот клуб на лидери во кој е најтешко да се влезе се чуствував како да сум на врвот на планината што ја качувам 7 години.. навистина уникатно, почестено, мотивирано, емотивно… (мислам можам уште многу да набројам тука..незнам дали се опишува 🙂 Секако сега продолжува патот кон искачување на други планини..

 

Република: Од каде идејата за ваков бизнис?

Основоположникот на бизнис моделот потенкува од Америка и се појави во Ноември 2008 година, а ние го воведовме овој бизнис модел за прв пат на Македонскиот пазар. Еден поттик за да се впуштам во бизнис водите и започнување на сопствен бизнис беше добиената награда од NCDiel во 2010 година кога победив за најиновативен бизнис план и добив парична награда со која го започнав Grouper. Но секако идејата е едно нешто – “тешкото” и предизвиците се во реализацијата која бара многу напорна работа, добри одлуки, добра стратегија и менаџирање, брзо учење, следење трендови, организираност и секако одличен тим. Би рекла дека успехот на Grouper и позиционирањето како game-changer на пазарот на е-трговија се должи во магичната комбинација и сингерија на сите овие работи.

Република: Со какво искуство се врати од Лондон?

Искуствата од привилегијата да се биде во Forbes 30 Under 30 клубот допрва ќе следат. Веќе се планираат настаните кои ќе се одржуваат оваа година каде ќе имаме прилика да се запознаеме подобро со брилијатни луѓе од светот и да разменуваме искуства и знаење. Всушност знаењето, контактите и искуството кое го стекнуваме се едни од највредните нешта во животот и нив никој не може да ви ги одземе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top