По вчерашната изјава на пратеникот Драгиша Милетиќ на седницата посветена на предлогот за измена на Уставот во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена, дел од ЛГБТ заедницата „го осудива говорот на омраза“, а неговитее коментари ги смета за „навредлив и дискриминирачки за цела една група граѓани и повреда на нивното достоинство и еднаквост загарантирана со Уставот“.
Тие му посочија на Милетиќ дека оваа недела во Белград, Србија, во тек е недела на гордоста, којја , како велат има поддршка од државата. Затоа, додаваат „го советуваме пратеникот да ги обнови своите информации и да ги провери ставовите на неговата матична партија во врска со промоцијата и заштитата на човековите права на ЛГБТИ луѓето“.
„Дефинирањето на хомосексуалноста како болест и исмевањето на ЛГБТИ луѓето е неприфатливо во едно демократско општество и земја со кандидатски статус за членство во Европската Унија, а воедно и спротивно на одредбите на Светската Здравствена Организација, Американската психијатриска асоцијација, Лекарската комора на Република Македонија и Македонската психијатриска асоцијација.
Уште еднаш апелираме до сите политички чинители да се воздржат од изнесување класификации за ЛГБТИ луѓето и користење на истите за меѓупартиски препукувања. Исто така, го повикуваме претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски …врз основа на сознанијата да поведе истрага за настанот во Собранието каде беше извршена дискриминација на група граѓани врз основа на сексуална ориентација“, пишува во реакцијата од Женска Алијанса и ЛГБТ Јунајтед.
Независниот пратеник Милетиќ го искажа својот став дека „За време на социјализмот тоа беше казнива категорија и тоа за мене беше исправно. Не е омраза, за мене тоа е болест, а вие одете си во корак со модата. Само пазете кога одите, мора да одите строго покрај ѕид, рече Милетиќ, што предизвика аплауз и смеа кај дел од пратениците“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.