
Македонија ќе ги достигне проектираните стапки на пораст на БДП од два процента, со реална можност да бидат надминати – вели во интервју за „Република“ министерот за финансии, Зоран Ставрески. Тој открива дека подготовката на Буџетот за 2014 година е во завршна фаза. Проекциите за буџетските приходи се засноваат врз проектираната стапка на пораст на економијата од 3,2 проценти. Првиот финансиер вели дека државната каса е во добра кондиција. За бизнисот има добри вести од Европската инвестициска банка. Оттаму до ноември ќе стигнат нови 100 милиони евра свежи пари. Ставрески вели дека во тек се преговори со најмалку шест компании со кои очекува потпишување договори за инвестирање во Македонија.
– Предизвиците се уште поголеми кога се кризни времиња, а треба да се обезбедат доволно средства за навремена исплата на плати, пензии, социјална помош, субвенции за земјоделците, амбициозната програма на Владата за капитални проекти, и притоа да се задржи низок буџетски дефицит и умерен државен долг. Затоа, нормални се и пофалбите и критиките. Човек на оваа функција мора да се навикне на критиките и да ги прима конструктивно и позитивно, сѐ додека се аргументирани – вели вицепремиерот и министер за финансии. Тој нагласува дека има огромна мотивација за работата што ја работи.
– Задоволството од позитивните промени што се случуваат во Македонија и имиџот што го гради земјата е големо и целосно ме исполнува – вели Ставрески.
По европската криза на која македонската економија не беше имуна, се враќаат позитивните сигнали. По порастот на БДП во првиот квартал за 2,2 процента, во второто тримесечје бројките се уште повисоки. Државната статистика објави дека економијата бележи пораст од 3,9 проценти. Дали овие бројки се оптимистички сигнал?
Ставрески: Во вториот квартал од 2013 година македонската економија забележи пораст од 3,9 проценти, по порастот од 2,9 проценти во претходниот квартал, со што просечниот пораст во првата половина од годината изнесува 3,4 проценти. Позитивен сигнал е и тоа што економскиот пораст е на широка основа, односно сите сектори забележаа пораст, предводени од градежништвото. Во првиот квартал од годината индустријата излезе од негативната зона и забележи пораст од 0,7 проценти, додека во вториот квартал индустриското производство се засили и забележи стапка на пораст од 4,1 проценти. Извозот на стока и на услуги забележи пораст од 6,8 проценти, додека увозот порасна за 2,3 проценти на реална основа. Овие податоци, заедно со позитивните сигнали за движењата на реалниот сектор во Европа, даваат оптимизам дека годинава Македонија ќе ги достигне проектираните стапки на пораст на БДП од два процента, со реална можност да бидат надминати. В година очекуваме нешто повисок пораст од 3,2 проценти. Многу е значајно што позитивните движења во реалниот сектор се одразија и врз стапката на невработеност, која се намали на 28,8 проценти. Тоа е најниско ниво на невработеност во Република Македонија од осамостојувањето до денес и најдобар показател за исправноста на економската политика на Владата. Да не заборавиме, стапката на невработеност во 2006 година беше речиси 38 проценти, а во меѓувреме пет години имаме голема светска економска криза. Затоа намалувањето на невработеноста на 28,8 проценти го сметам за најголем успех на оваа Влада. Тоа не значи дека сме стигнале до целта. Ќе продолжиме со политика и со мерки за подобрување на условите за инвестиции и за отворање работни места, со цел натамошно намалување на невработеноста, која сѐ уште е на високо ниво.
Позитивните трендови најмногу ги израдуваа бизнисмените, кои велат дека сега банките треба да го намалат песимизмот и засилено да кредитираат. Треба ли деловните банки да пуштат повеќе пари во реалниот сектор?
Ставрески: Во услови на стабилен макроекономски амбиент и параметри што укажуваат на забрзување на економскиот пораст, сметам дека постои можност банките поинтензивно да ги насочат своите слободни средства кон реалниот сектор. Дополнително, постепениот пораст на странската побарувачка и на извозот укажува дека Македонија има потенцијал за зацврстување на извозните капацитети и треба да биде соодветно следен и поддржан од банките.
Народната банка на Република Македонија во изминатиот период презеде низа мерки насочени кон создавање простор за зголемена кредитна поддршка на банките на приватниот сектор. Меѓу другото, со цел да се зголеми штедењето во домашна валута стапката на задолжителна резерва за депозитите во домашна валута се намали од 10 проценти на осум проценти. За поддршка на извозноориентираните компании се намали задолжителната резерва, која банките треба да ја одвојуваат при кредитирање нето-извозници. Воедно, и каматните стапки на државните и на благајничките записи се поставени на историски најниско ниво, со цел слободните средства на банките да се насочат кон приватниот сектор. Сите овие мерки, заедно со постепената стабилизација на европската економија, даваат можност да се зголеми кредитната поддршка на банките на приватниот сектор. Сега се тие на потег.

На приватниот сектор му треба финансиска инјекција. Компаниите живнаа откако Владата се раздолжи и навреме им плаќа, но, сепак, фирмите се гладни за свежи пари. Најавивте нови евтини кредити од Европската инвестициска банка. Кога ќе стигнат новите 100 милиони евра?
Ставрески: Владата со почетокот на светската финансиска криза во 2009 година на компаниите им обезбеди пристап до свеж капитал од Европската инвестициска банка, по мошне поволни услови со фиксна годишна каматна стапка од 5,5 проценти и со рокови на отплата до осум години за инвестиции и до три години за обртни средства. Досега се обезбедија 250 милиони евра од кои се искористени вкупно 222 милиони евра за реализација на 761 проект и отворање нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште шест милиони евра за нови проекти, со што од претходната линија на располагање остануваат уште 22 милиони евра. Охрабрувачки е што ефектите од оваа мерка даваат резултати преку подобрување на ликвидноста, инвестиции и отворање работни места. Поради големиот интерес од фирмите оваа година ќе почне со реализација четвртата кредитна линија во износ од нови 100 милиони евра, со што ќе продолжи поддршката на компаниите со квалитетни кредитни средства по поволни услови. Министерството за финансии, заедно со МБПР ја има почнато постапката и во октомври се очекува финализирање на преговорите и усвојување на кредитот на бордот на ЕИБ. Се очекува до почетокот на ноември фирмите да може да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија.
Економијата е на добар пат. Црните прогнози на опозицијата од декември лани дека ако се донесе буџетот, Македонија ќе банкротира за шест месеци, не се остварија. Обврските редовно се сервисираат. Ликвидна ли е државната каса?
Ставрески: За жал, опозицијата постојано има неконструктивен пристап и неаргументирано пласира црни сценарија за Македонија. Така беше сите изминати години, така е и оваа. Еве поминаа осум месеци од 2013 година, македонската економија има трет најдобар резултат во Европа, редовно се исплаќаат сите обврски од буџетот, долгот е и натаму четврт најмал во Европа. Каде е крахот што го најавуваа опозиционерите? Јавноста може да процени кој беше во право и дали се исполнија нивните сценарија.
Ликвидноста на буџетот е добра бидејќи при планирањето на Буџетот беа извршни внимателни анализи и беше обезбедена стабилна рамка за финансирање, чијашто основа се реално планираните буџетски приходи, како и обезбедените средства од меѓународни извори, под поволни услови. Обврските од буџетот редовно се сервисираат при што навремено се исплаќаат пензиите, платите и социјалната помош. Како што беше најавено, заклучно со февруари 2013 година целосно се исплатија обврските кон стопанството во износ од 92 милиони евра, од кои 52 милиони евра обврски по основа на поврат на ДДВ и 40 милиони евра за реализирани проекти. Со тоа Македонија е една од ретките земји од регионот што се раздолжи кон стопанството, што беше потврдено и од меѓународните финансиски институции. Оттогаш редовно се извршуваат обврските кон стопанството и навремено се врши повратот на ДДВ. Токму оваа ликвидносна инјекција многу помогна македонските фирми да имаат солидни резултати во услови на голема економска криза, посебно кога станува збор за градежните компании. Нема земја во Европа во која градежништвото има пораст, а не, пак, пораст од 33 проценти како во Македонија. Тоа не е случајно. Тоа е резултат на изборот на оваа Влада, која форсира капитални инвестиции од буџетот во сите сфери. Тие создаваат работа не само за градежните компании, туку и за стотици мали фирми, кои се подизведувачи. Со тоа се спасија илјадници работни места, се обезбеди плата за работниците во вакви тешки времиња.
Капиталните инвестиции во изминатиов период придонесоа за раздвижување на економијата и овозможија компаниите полесно да дишат во време на криза. Како оди нивната реализација, дали парите завршија во патишта, гасификација и во железница?
Ставрески: Капиталните расходи во изминатите неколку години придонесоа за ублажување на ефектите од глобалната рецесија врз македонската економија и кон интензивирање на порастот на инвестициите во земјата. Притоа, најголемиот дел од капиталните расходи се наменети за изградба и за реконструкција на улици, патишта и на автопати, инвестиции во енергетиката и во други проекти. Капиталните расходи во периодот јануари-јули 2013 година се за 10 проценти повисоки во однос на истиот период лани. Се интензивираа активностите за реализација на крупните инфраструктурни проекти, како што е доизградбата на автопатот на Коридорот 10 и инвестиции за реконструкција и за доизградба на железничката инфраструктура. Истовремено, се реализираа повеќе проекти за подобрување на инфраструктурата во образованието преку изградба на училишта, спортски сали и игралишта; подобрување на комуналната инфраструктура преку изградба на водовод и на канализација; и инвестиции во здравството.
До каде се пресметките и кроењето на новиот буџет за 2014 година. Според фискалната стратегија, тој ќе тежи речиси три милијарди евра?
Ставрески: Подготовката на Буџетот за 2014 година е во завршна фаза, при што се направени потребните анализи и се извршени редовни консултации со министерствата и со другите буџетски корисници. При тоа е земена предвид и реализацијата на повеќегодишните проекти и тоа е вградено во среднорочната буџетска рамка. Во тек е финализирање на пресметките, по што Буџетот ќе биде проследен во натамошна владина и собраниска процедура. Во однос на висината на буџетот сакам да нагласам дека при подготовката, проекциите за буџетските приходи се засноваат врз проектираната стапка на пораст на економијата од 3,2 проценти за 2014 година. Исто така, значајно е што и понатаму ќе има пораст на средствата за капитални инвестиции.

Последните месеци Министерството за финансии ги откажува аукциите на државни записи. Дали ова ќе помогне да се врати ликвидноста на стопанството?
Ставрески: Издавањето државни хартии од вредност е редовна практика во сите развиени земји и тоа придонесува за развој на финансиските пазари. Сепак, точно е дека Министерството за финансии во неколку наврати откажа аукции на државни хартии од вредност. Ние постојано правиме анализи и ја следиме состојбата и секогаш кога постои простор се настојува да се остават повеќе пари во стопанството, без притоа да се наруши управувањето на јавните финансии и извршувањето на буџетот. Дополнително би сакал да истакнам дека банкарскиот систем во Македонија има доволно силен потенцијал за кредитирање и секако дека ваквите активности ќе создадат простор да се зголеми кредитната поддршка за стопанството. Во изминатиот период работевме и на подобрување на структурата на портфолиото на државните хартии од вредност во насока на издавање подолгорочни инструменти, што дополнително ќе влијае врз стабилноста на јавните финансии и врз развојот на финансискиот пазар преку зголемување на понудата на инструменти за тргување.
Македонија е ниско задолжена земја, јавниот долг изнесува 33 проценти од БДП. Сепак, треба да се води сметка за способноста за негово враќање. Дали се води домаќинска политика и дали граѓаните ќе можат да спијат мирно, дали има пари за враќање на старите долгови и кредити, земени одамна?
Ставрески: Владата води исклучително внимателна политика во поглед на одржувањето на нивото на јавен долг. Пред почетокот на кризата, кога состојбите во економијата и во светот беа поволни, извршивме предвремено раздолжување така што од 39 проценти од БДП, колку што беше задолженоста кога дојдовме во Владата, државниот долг го намаливме на 24 проценти, со што покрај намалување на долгот, се остварија и значителни заштеди по основа на камати. Ова го подобри и имиџот на земјата пред меѓународните финансиски институции и кредитори. Доколку анализираме од сегашна перспектива, тој потег ослободи простор во услови на светска финансиска криза, Македонија да има пристап и да обезбеди средства за финансирање од странски извори. Денес јавниот долг изнесува 33,6 проценти од БДП со што Македонија е во групата на умерено задолжени земји и четврта најмалку задолжена земја во Европа. Обврските на државата редовно се сервисираат и во таа насока на почетокот од годината беше исплатена еврообврзницата, како и други обврски по основа на билатерални и на мултилатерални договори за заем. Потврда за успешната политика за управувањето на јавните финансии доаѓа и од меѓународните финансиски институции ММФ и Светска банка.
Дали и оваа година нема да се чепка даночната политика, односно нема да се зголемуваат даноците?
Ставрески: Оваа Влада својата политика на ниски даноци ја има потврдено многу пати досега. Ги намаливме даноците и воведовме рамен данок, а се намалија и придонесите. Од оваа политика не отстапивме ниту во периодите на сериозни предизвици од светската економска криза, кога најсилно се чувствуваа последиците од неа. Во истиот тој период речиси сите земји од Европа ги зголемија даноците со што на многу полесен начин ја спроведуваа политиката за фискална консолидација, место да постои цврста определба за спроведување структурни реформи. Ние сме цврсто убедени дека политиката на ниско оданочување на долг рок ја зголемува конкурентноста на македонските компании, придонесува за развој на приватниот сектор и претприемаштвото, и е најефикасно средство за борба против сивата економија. Во тој контекст, ќе го одржиме ветувањето дадено на бизнисмените дека Владата нема да зголеми ниту еден данок во Република Македонија.
„Џумајлија“ е една од синџирот најавени странски инвестиции во Македонија. Поминавте многу дестинации, европски, но и подалечни во обид да се донесат што поголем број реномирани компании. Кои се резултатите, кои светски имиња на корпорации да ги очекува јавноста?
Ставрески: Владата во континуитет посветено работи на привлекување странски инвеститори со цел отворање нови работни места. Владини претставници при секоја посета во странство ја користат можноста да ги презентираат поволните услови за инвестирање и остваруваат средби со инвеститори на највисоко ниво. За таа цел, воспоставиме институционална инфраструктура за промоција на Македонија, преку мрежа економски промотори и преку спроведување промотивни кампањи на избрани медиуми и пазари. Дополнително засилено се инвестира во развој на технолошко-индустриските развојни зони и тоа не само во Скопје, туку и во многу други градови во земјата. Како резултат на вкупните напори денес во Македонија се присутни повеќе реномирани светски марки како што се „Џонсон мети“, „Џонсон контролс“, „Драксел мајер“, „Кромберт и Шуберт“, „Ван хол“, итн. Сите овие компании работат со висока технологија и произведуваат добра со висока додадена вредност, што резултира со промена на структурата на извозот на земјата и ја зголемува нејзината конкурентност. Нивното присуство во Македонија и фактот што дел од нив веќе ги проширија постојните капацитети е најдобра реклама и за другите инвеститори, кои бараат поволна дестинација за проширување на нивниот бизнис. Во тек се преговори со неколку потенцијални инвеститори, кои се во напредна фаза и во наредниот период се очекува потпишување на договори за инвестирање со најмалку пет-шест нови фирми.
Како финансиски фронтмен во Владата, освен пофалбите, на Ваша адреса стасуваат и критики за економската политика, како излегувате на крај со сите аргументи и паушални обвинувања?
Ставрески: Функцијата министер за финансии во секоја земја е една од најтешките и најнапаѓани и тоа од сите страни, што, на некој начин, е нормално. Предизвиците се уште поголеми кога се кризни времиња, а треба да се обезбедат доволно средства за навремена исплата на плати, пензии, социјална помош, субвенции за земјоделците, амбициозната програма на Владата за капитални проекти и притоа да се задржи низок буџетски дефицит и умерен државен долг. Затоа, нормални се и пофалбите и критиките. Човек на оваа функција мора да се навикне на критиките и да ги прима конструктивно и позитивно, сѐ додека се аргументирани. Јас сум секогаш отворен за дискусија на која ќе се расправа со бројки и со аргументи, а не само да се напаѓа со паушални изјави и констатации, кои не придонесуваат за квалитетна дебата. Сепак, сметам дека најсуштински се мислењето и зборот на граѓаните, како и признанијата што доаѓаат од меѓународните финансиски институции, реномираните извештаи на кои Македонија во континуитет го подобрува својот ранг. Начинот на кој Владата се соочи со последиците од светската криза ни дава за право да констатираме дека економската политика и реформите даваат резултати. Како резултат на ефективните антикризни мерки и на мерките за поддршка на економијата, Македонија релативно подобро се соочува со предизвиците од другите земји во регионот.
Докажан сте дома, но и надвор, во меѓународните финансиски институции. Со години работевте во Светска банка, што ве врати во Македонија?
Ставрески: Кај секој од нас постои предизвик да се постигне нешто значајно во животот, особено кога се работи за својата земја. Во САД, каде што поминав повеќе од пет години, работев во најреномираната светска финансиска институција, Светска банка, постигнав многу, речиси максимум што може да се оствари на професионален аспект. И покрај тоа, не се колебав ни момент за да се вратам во својата земја и со моето знаење и ангажман да придонесам кон развојот на Македонија и подобрување на животот на граѓаните. И ден денес имам огромна мотивација за работата што ја работам. Задоволството од позитивните промени што се случуваат во Македонија и имиџот што го гради земјата е големо и целосно ме исполнува.
Разговараше: Билјана Василева – Трендафилова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со министерот за финансии, Зоран Ставрески беше објавено во 55. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Димитриев: Миновски располага со соодветен капацитет за да ја извршува функцијата министер за финансии
-
Страврески: Како земја многу инвестираме во образованието кое со вештините се клучни фактори за развој
-
Ставрески: За неполни години се креирани нови 150 илјади работни места
-
Во 2016 година ќе започнување на три нови делници од примарниот гасовод


