Неделникот „Република“ објави, а Бучковски уште еднаш потврди дека ќе има нова партија. Нова социјалдемократска структура е неизбежна кога во опзицијата има преголем внатрешен отпор и судир на две струи, смета експертската јавност. На овој начин ќе се дојде до ослабување на матичната партија и делење на гласачкото тело, пишува дневниот весник „Дневник“.
Неделникот „Република“ уште во петокот објави дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ Владимир Бучковски формира партија. Промоцијата на партијата ќе се случи по Конгресот на СДСМ во мај, кога ќе се знае дали Бранко Црвенковски ќе остане на чело на партијата или, конечно, ќе се повлече по 20-годишно директно и индиректно раководење. Појавата на новиот субјект ќе биде огромен удар за најголемата опозициска партија, во која Бучковски сѐ уште има свои поддржувачи, и се претпоставува дека голем дел од членството на социјалдемократите ќе помине во неговите редови, напиша „Република“ во петокот.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски за „Дневник“ вели дека ако има проблеми во една партија, најдобро би било тие да се решаваат внатре во партијата. Но, оформувањето ново партиско тело како во овој случај, смета Божиновски, доаѓа во моменти кога проблемите се непомирливи.
– Идејата за нова партија со просоцијалдемократски погледи ја поздравија и поранешни високи членови на СДСМ. Иако е извесно дека остануваат независни до локалните избори, екссопартијците на Бранко Црвенковски сметаат дека е позитивно што се размислува за таков проект со оглед на нефункционирањето на опозицијата. Повеќе од јасно, согласни се сегашните независни кандидати за градоначалници и за советнички листи, е дека ако СДСМ продолжи со вакви политики, неминовно ќе биде обединување на опозиционерите – пишува „Дневник“.
Поранешниот генерален секретар на СДММ, Михаел Младеноски смета дека ако СДСМ наскоро не се реформира во согласност со меѓународните препораки, неминовно ќе биде формирање алтернативна опција.
– Ако СДСМ не се реформира брзо согласно препораките на меѓународната заедница, неминовно ќе биде формирање алтернативна опција, која ќе биде нова прогресивна сила, вели за „Дневник“ поранешниот генерален секретар на СДММ, Михаел Младеноски.
Бучковски воедно смета дека приоритет во моментов е разврска на политичката криза и согледување од страна на СДСМ дека со Црвенковски не може да се победи ВМРО-ДПМНЕ.
Независниот кандидат за градоначалник на Ресен, Димитар Бузлевски, својот ангажман го гледа преку СДСМ, но само со соодветна стратегија и платформа на опозицијата. Во однос на оформување ново социјалдемократско тело, Бузлевски не коментира, но истакнува дека соработува и со многу актуелни членови на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.