| четврток, 6 декември 2018 |

Пожарот во Бразил предизвикан од евтини пиротехнички средства

Пожарот во ноќниот клуб во Бразил кој се случи во неделата кога загинаа 234 лица го предизвикале пиротехнички средства кои ги употребиле музичарите додека настапувале. Снимката од безбедносните камери е скриена од истражните органи, соопшти полицијата.

Началникот на полицијата во Санта Марија, Марсело Аригони изјави дека музичарите за својот настап набавиле средства кои се наменетни исклучиво за употреба на отворен простор, а кои биле значително поевтини од оние кои се користат во затворени места. Полицијата открила дека апаратите за гаснење пожар не биле исправни.

Во понеделникот во врска со овој случај се уапсени двајцата сопственици на клубот и двајца музичари, а полицијата и понатаму се обидува да ја пронајде снимката од безбедносните камери. Сопствениците на ноќниот клуб „Кис“ тврдат дека системот за набљудување не работел веќе два месеца.

Некои од преживеаните тврдат дека клубот имал само еден излез, кој бил необележан и заграден со железни прегради. Истражните органи се под поголем притисок да го решат случајот, имајќи предвид дека Бразил се подготвува за организација на Светското првенство во фудбал во 2014 година и Олимписките игри во 2016 година.

Фото: ЕПА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top