| четврток, 6 декември 2018 |

Почна изградбата на индустриската зона Струмица

strumica industriska zona

Со поставување камен-темелник денеска беше означен почетокот на изградба на инфраструктурата на Технолошко-индустриската развојна зона „Струмица“, една од досега основаните девет ТИРЗ ширум Македонија.

ТИРЗ „Струмица“ ќе има вкупна површина од 25 хектари и ќе се гради во катастарската општина Свидовица. Зоната е лоцирана на 50 километри од граничниот премин „Богородица“ кон Грција и на 23 километри од граничниот премин Ново Село кон Бугарија.

– За изградбата на комплетната инфраструктура во зоната планираме да инвестираме околу 300 милиони денари со кои ќе се изгради сообраќајница, водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, електроенергетска мрежа, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување. Со тоа ТИРЗ „Струмица“ ќе стане функционална целина која со своите карактеристики ќе може да им посака добредојде на сите потенцијални инвеститори во овој регион, рече премиерот Никола Груевски по поставувањето на камен-темелникот.

Тој посочи дека местото на кое е лоцирана зоната на потенцијалните инвеститори ќе им овозможи добра комуникација со двете соседни земји, но и со меѓународниот пазар. Нагласи дека развојот на Македонија е комплексен процес исполнет со многу работа, ентузијазам, одговорност, инвентивност и исполнителност. Како Влада рече дека во изминатите години континуирано и напорно работат на сите полиња и во сите сегменти кои можат да донесат позитивни трендови и добри резултати во македонската економија.

– Да се отвори само едно ново работно место, една нова фабрика, да се намали само еден процент од нивото на невработеноста во земјата потребно е вклучување на многу органи на државната управа, но и вклучување и координација на повеќе чинители од различни сфери во општеството. Потребно е совесно и посветено да се изработат задачите за постигнување на зададените цели, истакна Груевски.

Во Македонија вкупно е предвидено изградба на 14 ТИРЗ-ови и градбата на сите треба да започне најдоцна до март или април следната година. Во моментов во функција се зоните ТИРЗ „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“, а во тек се градежните работи во ТИРЗ „Кичево“, „Гевгелија“ и „Прилеп“. За останатите зони во моментов се изработува техничката документација.

Премиерот Груевски, кој денеска е во посета на струмичкиот регион, претходно го пушти во употреба новоизградениот локален пат што ги поврзува Струмица и селото Попчево и околните села Рич и Белотино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top