Според податоците со кои располага Управата за јавни приходи, имотот со кој располагаат министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг потекнува од оданочени приходи, банкарски заеми.
– Во врска со информациите изнесени во јавноста за зголемување на имотот на Гордана Јанкулоска во периодот од 2006 година, согласно податоците со кои располага Управата за јавни приходи ја информираме јавноста дека промените на имотната состојба на Гордана Јанкуловска и нејзиниот сопруг се уредно пријавени и станува збор за промени на имотна состојба која потекнува од оданочени приходи, стекнати преку банкарски заеми -соопшти УЈП.
Додаваат дека, согласно тековните приходи, пријавената купопродажба на имот, последната имотна состојба на сопружниците и другите податоци, со кои во овој момент располага Управата за јавни приходи, не постојат основи за сомневање за стекнување на имот од неоданочени приходи.
СДСМ обвини дека Јанкулоска откако е министер четирикратно го зголемила имотот, односно од стан вреден 50.000 сега има стан вреден 200.000 евра.
Сличен одговор како УЈП даде и министерката, дека станот е купен со продажба на првиот и со земен кредит од банка.
Во четврток, СДСМ ова прашање го постави и на премиерот Никола Груевски, кој ја повика УЈП да го испита потеклото на имотот на Јанкулоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


