| четврток, 6 декември 2018 |

Проклетството наречено четвртфинале, Хрватска ќе го урива против Украина

Хрватската кошарка си има свое проклетство, а денеска против Украина, непремостливата пречка наречена четвртфинале на големите натпреварувања ќе се обидат да ја урнат Томиќ, Укиќ, Богдановиќ и соиграчите од оваа генерација на „коцкестите“. Дури четири пати на последните европски првенства Хрватска паѓа на чекор пред полуфиналето и битката за медали.

„Ни треба само еден добар резултат и медал за да ја вратиме кошарката таму каде што заслужува, на насловните страници на медиумите. Ќе има еуфорија во Хрватска, ако денеска ја победиме Украина“, изјави Никша Пркачин, кошаркар кој е рекордер според настапите за репрезентацијата, но денеска од трибините на салата „Стожице“ ќе ги бодри сонародниците.

Своја сметка си има и Украина, а оваа селекција веќе се запиша во историјата со првиот настап во четвртфиналето на континенталните шампионати. Тренерот со НБА педигре, Мајк Фратело, сложи супер кошаркарска композиција, а Украинците се надеваат на уште едно чудо и победа над великан на европската кошарка каква што е Хрватска.

„Знаеме како игра Хрватска, бидејќи игравме против нив во квалификациите. Несреќно загубивме на домашен терен со тројката на Богдановиќ што ни ја даде на 6 секунди до крајот. Сега се надеваме дека ќе биде поинаку, а токму Богдановиќ и Томиќ ќе треба да ги сопреме за да ги победиме“, изјави Олександр Липови, репрезентативецот на Украина.

ukraina

Натпреварот се игра од 17,45 часот, а подоцна од 21 часот е дербито меѓу Литванија и Италија. Тој е последен дуел од четвртфиналето, откако вчера Шпанија ја декласира Србија со 90-60, а Франција го елиминира домаќинот Словенија со победа од 72-62.

Победниците од денешните дуели ќе играат меѓусебе во полуфиналето, а вториот пар е Шпанија против Франција.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top