| четврток, 6 декември 2018 |

Проектор со уникатна вредност подарен на Фестивалот „Браќа Манаки“

Проектор со уникатна вредност и постар од 100 години, утрово беше подарен на Фестивалот „Браќа Манаки“. Госпоѓа Јулија Штрбевска го донираше проекторот „Kinematograph Lanterna“, кој со генерации бил сопственост на нејзиното семејство. Последен наследник на овој вреден артефакт бил нејзиниот син Антоније Пендевски, кој починал пред неколку години, поради што мајката решила да го подари на Фестивалот. Штребевска има бујни сеќава поврзани со овој предмет.
-Мојот прадедо беше голем трговец од струмичко и го донел од патувањата. А мојот син беше исклучително горд на овој проектор, затоа сакам да со посвета кон него да подарам, рече таа.
М-р Игор Старделов од Кинотеката на Македонија направил стручна проценка и вели дека се работи за еден вид т.н. Lanterna Magica, односно „магичен фенер“, или домашен проектор.
Според Старделов се работи за „Kinematograph Lanterna”, производител Ернст Планк, Нирнберг, Германија. Датира од околу 1900 и е комбинација на 35мм филмски проектор и Lanterna Magica.
Германската Lanterna Magica е опреме за проектирање на кратки 35мм филмски ленти, обично за домашна употреба. Изворот на светлина е од газиена ламба со леќа, над која има своевиден оџак, и систем за транспорт на филмската лента, со макара и замаец од страната.
-Ние како фестивал Браќа Манаки ќе го предадеме на Кинотеката на Македонија и неизмерно сум благодарна за ова навистина големо богатство за Република Македонија и голем раритет кој отсега ќе биде изложен и посветен на споменот на Вашиот син, рече директорката Лабина Митевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top