| четврток, 6 декември 2018 |

Гевгелија се сеќава на прерано починатиот сограѓанин

ristoДеновиве во Гевгелија интензивно се подготвува нов музички фестивал кој ќе биде во чест на прерано починатиот извонреден гитарист и уште подобар човек – Ристо Калиников.

Фестивалот ќе се одржи на 11 октомври, наречен е SRV Фест, а покрај желбата никогаш да не се заборави омилениот меѓу гевгеличани Ице, ќе има и хуманитарен карактер, со цел да се донираат средства на оние кои им е најпотребно, нешто што Ристо се трудеше да го прави секојдневно. Деталите за фестивалот и поддршката можете да ја дадете на официјалната FB страна и веб-сајт.

Ристо Калиников е роден на 5 февруари 1990 година, во Гевгелија во фамилија која му давала неизмерна љубов и поддршка во секоја негова нова идеја и цел. Во таа 2003 година се раѓа и љубовта кон гитарата, веднаш откако почнал да посетува часови по гитара. Во 2004, како полуматурант, заедно со првиот македонски идол Иван Раденов и неговиот брат Илија Раденов ја основаат групата “Аквариус”. Набрзо по формирањето на групата се приклучува и Бранко Сапламаев. Фактот што сите четири членови се родени во хороскопскиот знак водолија бил доволен да го именуваат својот бенд Аквариус. Ристо во 2008 завршува средно образование во СОУ Јосиф Јосифовски во Гевгелија, по што се запишува на Американ Колеџ во Скопје на економија – насока финансии. Студиите ги завршува со успех на англиски јазик во 2011 година. Бројни планови, како за музиката, така и за деловниот свет за Ристо остануваат неостварени, откако му е дијагностицирана леукемија. По тешка 10 месечна борба, на 9 октомври 2012 година згаснува животот на ова 22 годишно момче полно со живот, енергија и насмевки, омилено меѓу сите.

risto1

Бранко Сапламаев, професор по музичко образование, еден од најдобрите пријатели на Ристо и еден од главните организатори на фестивалот.

-Ристо Калиников беше гитарист во нашиот бенд АКВАРИУС, а и воедно мој најблизок пријател. Заедно растевме во музичката интелегенција,техника и начин на изразување на музичките чувства. Гитарист каков што секој бенд го посакува во својот состав, а ние го имавме. Ми фали како најдобар другар и прекрасен музичар, вели Бранко на прашањето што Ристо значел за него.

Извор Сител

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top