| четврток, 6 декември 2018 |

НАТО: Македонија подготвена за 29 членка

NATO Poposki DzaferiМакедонија ги исполнува сите политичко-безбедносни услови да стане 29. земја-членка на НАТО, но поради нерешениот наметнат спор за името тоа не може да се случи. Северно-атлантскиот совет на НАТО го усвои извештајот за напредокот на Република Македонија за политичко-економските и воено-одбранбените реформи во рамки на Четиринаесеттиот циклус на Акцискиот план за членство во Алијансата. На состанокот во Брисел присуствуваа и македонските министри за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Талат Џафери,кои имаа билатерален состанок со заменик-генералниот секретар на Алијансата, Александер Вершбоу.

Според Попоски, клучни пораки адресиравани од него и министерот Џафери се дека 14 години Република Македонија е докажан, стабилен партнер на НАТО и дека ќе продолжи тоа да биде и да се однесува како де факто да е земја-членка.

– Годинава е шеста година по првото констатирање Македонија ги исполнува сите услови за членство, од Самитот во 2008 година, од кога Грција се спротивставува на влезот на Македонија под условите дефинирани во Времената спогодба од 1995 година. Третманот што ова прашање го има во рамки на приклучувањето на нашата земја во Алијансата е дека се работи за прашање што нема влијание врз стабилноста на регионот. А, ние потенциравме дека Македонија ќе продолжи во следниот период да вложува напори за надминување на билатералниот спор и целосната посветеност, како да е земја-членка во НАТО, со учество во сите операции што Алијансата ќе ги води во иднина, констатираше министерот Попоски.

Во однос на напредокот на Македонија во безбедносниот дел, според министерот за одбрана Талат Џафери, заедничка констатација на амбасадорите на земјите-членки на НАТО денеска била дека Македонија и понатаму продолжува да ги одржува сите постигнати вредности од 2008 година, констатирани на Самитот во Букурешт.

– Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана ги одржуваат сите квалитети покажани и до Самитот во 2008 година, а и понатаму со Мисиите во Авганистан, Босна и Херцеговина и во Либан. Тоа значи дека и покрај ограничувањето во буџетот, Министерството за одбрана продолжува со успешните мисии. А, она што е позитивно истакнато е фактот дека Регионалниот тренинг-центар за комуникации во Скопје е прераснат во Регионален НАТО-центар, што е достигнување на Армијата на Република Македонија и нашето министерство. Ние ќе продолжиме и во другите регионални иницијативи да ги исполнуваме нашите определби, за тие иницијативи да ги доведеме на рамниште како да се НАТО-институции, вели Џафери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top