Во киното Тушканац во Загреб утре почнува гостувањето на Кинотеката на Македонија во Хрватска во чии рамки ќе бидат прикажани филмовите: „Македонскиот дел од пеколот“, „Три Ани“, „Хај-фај“, „Време, води“, „Јад“, „Пресуда“…избор од македонски анимирани филмови и документарниот филм „СКОПЈЕ 63“ во знак на одбележувањето на 50 годишнината од скопскиот земјотрес.

Водејќи се од основните принципи на заштита нашите две пријателски кинотеки во 2012 година го реализираа првиот проект на заедничка реставрација на два филма значајни и за двете кинематографии – македонската и хрватската. Станува збор за македонските филмови „Три Ани“ (1959) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1971)  во режија на реномираните хрватски режисери Бранко Бауер и Ватрослав Мимица.Токму овој заеднички проект на реставрација беше повод за гостување на Кинотеката на Хрватска во Македонија во мај оваа година, а секако и за гостувањето на Кинотеката на Македонија во Хрватска овој септември.

-Тргнувајќи од идејата пред хрватската публика да бидат прикажани овие два филма и остатокот од програмата ја следеша таа водилка и концептот да бидат прикажани филмови во кои дел од креативниот влог го имаат Хрвати се провлекува низ целата програма. Така хрватската публика ќе има можност да ги види своите Фабијан Шоваговиќ, Борис Дворник, Жарко Радиќ… во македонски филмови.

На 22-ти септември програмата продолжува во Сплит во киното Златна врата.