Хрватскиот пејач Златан Стипишиќ Џибони на 16-ти ноември ќе се обиде да го наполни Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Самостојниот концерт е дел од промотивната европска турнеја на неговиот нов албум „20th Century Man“. Во рамки на оваа турнеја со повеќе од 15 закажани настапи и по одличните концерти низ европските метрополи како Берлин, Прага и Виена, Џибони доаѓа и во Скопје.
Неговиот последен албум „20th Century Man“ е снимен во продукција на британскиот продуцент Енди Рајт, добитник на Греми наградите и познат по соработките со изведувачи како што се „Масив Атак“, „Јуритмикс“, „Симпл Мајндс“, „Симпли Ред“. Овој албум е прв во неговата кариера кој е снимен на англиски јазик и со тоа пак, особено атрактивен за европскиот пазар. „20th Century Man“, во најголем дел е снимен и продуциран во „Аби Роуд“ студиото во Лондон и на него се наоѓаат осум нови песни на Џибони. Помеѓу фаворитите од овие песни се истакнуваат најавниот сингл „Ain’t Bad Enough For R’n’R“, насловната песна „20th Century Man“, баладите „Hide The Mirror“ и „Broken Finger“, и секако песната која го отвора албумот „Hey Crow“. Токму за оваа песна Џибони сними и видео спот кој го одзема здивот со својата атрактивност и визуелен впечаток, за што е заслужен исклучителниот уметник Зденко Башиќ.
Џибони е најпопуларниот хрватски пејач во последните петнаесет години и најтиражниот хрватски кантавтор на сите времиња. Ниту еден артист во регионот не бил толку едногласно признаен и наградуван и од критиката и од публиката. Неговите најголеми хитови од самиот почеток на неговата кариера подеднакво се слушани насекаде во регионот. Долга е листата на негови песни кои се познати како евергрини на регионалната сцена, а секоја негова песна носи единствен и уникатен потпис и печат, со кој Џибони, како ретко кој друг артист, го изгради и го зачува сопствениот музички идентитет. Неговата музика, своевиден поп и рок кросовер, со карактеристични елементи на медитеранскиот музички колорит, ја карактеризира единствено и меланхолично чувство, како и интимните и ангажирани текстови.
Наскоро ќе бидат објавени и сите детали за продажбата на билетите за овој концерт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


