| четврток, 6 декември 2018 |

Хуманитарен концерт – за Ристо вечно да живее низ нашите песни

На 11-ти Октомври оваа година за прв пат во Гевгелија ќе се одржува „SRV Фест”, хуманитарен концерт во чест на Ристо Калиников. Момчето кое минатата година ја загуби битката со леукемијата стана симбол на борбата против оваа тешка болест.

22-годишниот Ристо Калиников беше гитарист на бендот „Аквариус“, во кој водечки вокал е македонскиот идол Иван Раденов. Токму тие, неговите најдобри другари од бендот со помош на Општина Гевгелија го организираат овој настан. Собраните средства ќе бидат наменети за секое семејство на кое итно му е потребна помош за лекување на некој од членовите. Да се помогне на секое болно дете од Гевгелија.  Визијата за овој фестивал е да стане традиционален во Гевгелија и заедно да се помогне на оние кои им е потребна помош најмногу.

– Се радувам на овај настан, за жал ова го правиме без негово присуство, би било уште поубаво да беше и тој тука, но се случи што се случи и сега во негова чест се собираме ние, неговиот бенд и сите негови пријатели и други музичари, за да ги пееме неговите омилени песни, бидејќи тој ова го заслужува. Со ова ќе продолжи вечно да живее со нас, со нашите песни – вели Иван Раденов.

Иван ни објасни дека и името на фестивалот е во чест на Ристо, кој до последниот ден имал желба да ја купи гитарата на легендарниот гитарист Stevie Ray Vaughan, попознат како SRV.
За повеќе информации и пред сѐ поддршка, може да ја посетите официјалната Фејсбук страница на фестивалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top