Ракометарите на Барселона се вистински сиромаси во спортското друштво на каталонскиот гигант и со буџет од 6 милиони евра за оваа сезона, се далеку зад кошаркарите и особена зад фудбалерите. Фудбалскиот клуб објави дека се планира буџет од 509 милиони евра, но тој треба да биде прифатен од делегатите на Собранието закажано за 5. октомври. Меси, Чави, Иниеста, Нејмар… и целиот фудбалски погон стана вистинска машинерија за пари, а лани профитот е 36 милиони евра, или 6 пати повеќе од вкупните средства што им се на располагање на ракометарите.
„Ние сепак сме задоволни што имаме буџет од 6 милиони евра, што е сличен на ланскиот, а патем ангажиравме ракометари од светска класа како што се Лазаров и Карабатиќ. Двајцата ги зедовме без отштета, а добар дел од парите што ќе им ги плаќаме ги извадивме со наградата од 280 илјади евра по триумфот на Светскиот куп во Катар“, вели спортскиот директор О`Калахан, поранешна ѕвезда на клубот.
Барселона со нашиот Кире Лазаров ќе му гостува на македонскиот првак Вардар во премиерното коло од Лигата на шампионите на 21. октомври. Во групата е и најскапиот тим на планетата Пари сен Жермен со буџет од околу 13 милиони евра, заедно со вториот македонски клуб Металург, Вакер Тун и Динамо Минск.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


