Последниот ден од втората фаза на европското првенство во кошарка е ден за продолженија, а и вториот дуел меѓу Италија и Шпанија мораше да се одлучува во дополнителното време. „Аѕурите“ беа поумешни и славеа со 86-81, со што го освоија третото место во Ф групата и ќе играат со Литванија за полуфинале. Во регуларниот дел беше 70-70, идентично како и на првиот меч денеска меѓу Хрватска и Грција. Таму имаше две продолженија, а „коцкестите“ победија со 92-88 и ја елиминираа Грција.
Актуелниот европски првак неочекувано доживеа дури три порази досега и како последнопласирани ќе играат со лидерот од Е групата Србија во четвртфиналето. Поправен испеит во следната фаза нема, а во останатите два нокаут дуели Хрватска ќе игра со Украина, а домаќинот Словенија ќе се судри со Франција.
Триото Џентиле со 25 поени, Арадори со 17 и Белинели со 16 поени ја предводеше Италија до триумф против Шпанија. Двоцифрен број на поени, 11, забележа и Датоме, а на поразениот состав не му помогна ниту НБА учинокот на Марк Гасол од 32 поени и 9 скока. Шпанскиот центар од Мемфис гризлис забележа најмногу поени досега на овој шампионат. Серхиот Родригес уфрли 18 поени.
Утре е слободен ден, а задутре ќе играат Словенија против Франција и Шпанија со Србија. Ден подоцна Хрватска ќе се обиде да ја надигра Украина, додека Литванија ќе и биде противник на Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


