| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски во ЕП: Бранко Црвенковски како албанскиот опозиционер Еди Рама

antonio-milososki-profil
Неможејќи да ги поднесе демократските резултати од претходните парламентарни избори што самиот ги бараше, лидерот на опозициската СДСМ сака со бојкот да го компензира недостатокот на реформи во својата партија. Но, како владејачко мнозинство, ние ќе продолжиме да иницираме чекори со кои ќе се засили политички дијалог и имаме надеж дека ќе дојде до решение на овој проблем.

Ова е пораката што на конференцијата посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, денеска во Европскиот парламент ја испрати пратеникот Антонио Милошоски, јавува дописникот на МИА од Брисел.

На оваа дебата насловена „Западен Балкан – иднината со Европа“, во присуство на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, претседателот на Генералното собрание на ОБСЕ, Рикардо Миљиори и други високи преставници од нашите соседни земји, Милошоски како прв човек на Комисијата за надворешни работи на македонското Собрание имаше впечатлив говор со кој измами аплаузи од присутните.

– Јас бев избран од страна на македонските граѓани да бидам пратеник во парламентот и се надевам за неколку години некоја нова генерација ќе има шанса да гласа за пратеници во Европскиот парламент, оти Македонија припаѓа во европскиот културен спектар и сака да биде дел од ЕУ. Затоа, ќе говорам на мојот мајчин, македонски јазик, бидејќи во иднина и тој ќе биде еден од јазиците на кои ќе се говори во ЕП, посочи Милошоски на почетокот на својот говор.

Тој истакна дека  Македонија има најдолг стаж од земјите во регионот, исклучувајќи ја Турција, како земја-кандидат која не почнала преговори. Посочи дека седма година како уживаме кандидатски статутус, но не преговораме за членство, иако четири години добиваме позитивни извештаи од ЕК што значи дека Македонија како држава и општество ги исполнува основните критериуми да почне преговори, но и покрај тие препораки, преговорите не се почнати и ваквата статус-кво ситуација не е ниту одржлива, ниту продуктивна за Република Македонија, но ниту за кредбилитет на ЕУ и процесот на проширување.

Се  осврна и на актуелниот предизвик со кој се соочува нашата земја, а тоа е бојкотот од страна на СДСМ на Собранието.

– Само ќе кажам дека со овој потег, албанскиот опозиционер Еди Рама кој претставникот на ОБСЕ овде го посочи како негативен пример со неговото делување во Албанија, повеќе не е сам! Нему му се приклучи уште еден опозиционер од Македонија, кој неможејќи да ги поднесе демократските резултати од претходните парламентарни избори што тој ги бараше, сака со бојкот да го компензира недостатокот на реформи во својата партија. Како владејачко мнозинство, ние ќе продолжиме да иницираме чекори со кои ќе се засили политички дијалог и имаме надеж дека ќе дојде до решение на овој проблем, истакна Милошоски, кој на крајот на својот говор посочи дека со Бугарија се остварени неколку средби на работни групи за склучување на спогодба за партнаерство и соработка која би била урамнотежена и симетрична со еднакви права и обврски за двете страни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top