| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети во мрежата на Маљас

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Грчката дипломатија најде начин како да го премости јазот за кој доби критики и од Брисел и од Вашингтон. Успешно манипулирајќи со обидот на ДУИ да им објасни на своите гласачи дека партијата прави нешто за да ги внесе македонските Албанци во ЕУ и во НАТО, официјална Атина ги претвори Ахмети, Бесими и претходно Арифи во дипломатски маргиналци.

goran-kol-15-Ahmeti-Venizelos

На Македонија ѝ се повторува ситуацијата што ѝ се случи во 2005 година. Тогаш македонските власти, дали поради лошата дипломатска процедура или поради недостиг од капацитет за анализа во МНР и во соодветните служби, меѓу кои и тие во агенцијата за контраразузнавање, владата во Скопје не препозна огромен чекор на грчката дипломатија. Не сфати дека на состанокот во Атина на кој покрај државниот врв учествуваа и десетина најеминентни грчки политички теоретичари и дипломати била донесена одлука за долгорочно блокирање на Македонија во НАТО и во ЕУ. Британскиот притисок во декември истата година, кога во пет до 12 добивме статус на кандидат за членство, можеби, ги залажа македонските аналитичари, кои не успеаја да видат дека Грција донесе цврста одлука за блокада и за прекршување на Привремената спогодба.

Осум години подоцна на земјава ѝ се случува иста ситуација, додуша сега една членка на владината коалиција нема капацитет да ја препознае грчката позиција, која за тие што следат што се случува на југ од нас е кристално јасна. Најновата идеја на Самарас е искористувајќи ги фрустрациите на ДУИ што не може да ги оствари ветувањата за брз влез во НАТО да почне „злоупотребата“ за да се покријат грчките слабости.

Дали во ДУИ се свесни дека веднаш по изборите во 2011 година, на 6 јуни долгогодишниот „алфа и омега“ на грчката позиција кон Македонија, Александрос Маљас, објави документ–стратегија во која недвосмислено се предвидува ДУИ да биде инволвирана во грчко–македонските односи. Маљас својот предлог го темели на логичниот факт дека ДУИ е дел од македонската држава и дека поради низа причини партијата треба да биде дел од односите со цел да се дојде до решение. За Самарас, се разбира, овој дел не беше важен колку што е тоа случајот со можноста преку ДУИ Грција да ги елиминира критиките од ЕУ и од САД дека Грција не прави ништо за решение на спорот за името. Со средбите што прво ги имаше тогашната вицепремиерка Теута Арифи и подоцна Фатмир Бесими, Грција доби силен аргумент дека има средби со македонски владини претставници, кои беа на највисоките позиции во администрацијата на северниот сосед. Иако на сите во Брисел им е јасно дека средбите се од козметички карактер, сепак, грчката дипломатија има в раце силен одговор на прашањето зошто Самарас одбива средба со Груевски, а Папуљас со Иванов.

Во исто време, и пред домашната јавност Венизелос и Самарас можат да соберат поени со тезата што се пласира, пред сѐ, во интелектуалните и националистички кругови. Пристапот што се негува по 2001 година, а кој вели дека Грција треба да соработува со македонките Албанци, кои еден ден ќе станат мнозинство во Македонија, е, исто така, една од работите што ДУИ не сака или, навистина, не ги гледа, а кои владата во Атина ги има премерено многупати досега.

Посетата на Ахмети на Атина е цементирање на позициите на Атина во овој правец. Најмоќниот играч во македонскиот албански блок дојде во Атина и не само што ги потврди тезите дека Грција не бега од средби туку и директно му даде прошка и алиби на грчкиот премиер, кој во 2009 година изјави дека Грција може да чека во спорот за името затоа што наскоро во Македонија ќе се случи конфликт меѓу Албанците и Македонците.

Што разговарале точно Ахмети, Бесими и Арифи во Атина засега со сигурност знаат само нивните членови на кабинетот, а пошироката јавност беше запознаена само за редовните теми од општ карактер, како регионалниот мир и стабилност. Никогаш не дознавме имало ли сериозни разговори за името. Интересно е што ниту ДУИ ниту грчките претставници не информираа што е точно разговарано на овие средби, при што, без разлика дали е разговарано за името или не, барем за Македонија, нема никаква добивка.

Локален гостин кај глобалниот играч

Колку е мал капацитетот на дел од домашните партии да ја видат големата слика говори и времето во кое Ахмети замина во Грција. Истиот ден кога лидерот на ДУИ разговараше со Венизелос, шефот на грчката влада се занимаваше со друг глобален предизвик. Грчкиот совет за надворешна политика пред посетата на Ахмети требаше да даде свој став за американското барање за грчка логистичка поддршка на евентуалниот напад на Сирија. Извори во Атина воопшто не сакаат да разговараат за посетата на Ахмети со образложение дека тој настан нема да биде забележан од никого, а фактот што грчкото МНР воопшто не поканило новинари за Ахмети само го потврдува овој став. Се разбира, секоја споредба на Ахмети со барањата на САД е нелогична. Грција за ова прашање има почетни позиции, кои ќе се градат во согласност со пораките од Вашингтон. Грција засега е против воено решение за проблемот, но тоа не е пречка САД при евентуална акција на располагање да ги имаат поморската база во грчкиот дел од Кипар и аеродромот „Каламата“.

Грција во овој контекст има и друг проблем, како да се извлечат околу 2.600 грчки државјани од Сирија, кои како христијани и сега се на удар на дел од опозицијата на Асад. Присуството на грчки бродови и авиони во евентуална операција против Асад ќе го олесни спроврувањето на операцијата за извлекување на грчките државјани, која, според дел од грчките познавачи на работите, се води под името „Космос“, а во исто време би се олеснила и операцијата, која е наречена „Јони“, а со која треба да се запре бранот бегалци, кој би можел да се упати кон островите во Егејот.

И, конечно, грчките аналитички кругови се многу позагрижени за евентуален одговор однатре поради поддршката што Грција сакала или не ќе мора да им ја даде на САД, отколку за спорот за името. Можности за терористички напади се само еден дел од сценаријата што ги разгледуваат грчките власти. Грчката позиција во најновиот развој на настаните со Сирија се оценува како ризична, но со голем потенцијал за добивање поени кај најмоќните сојузници. Илузорно е да се очекува дека САД ќе ја притискаат Грција за името доколку поради одбивањето на Британија и на Франција на учеството во воените операции, во Медитеранот рамо до рамо застане Грција, која, според едно од сценаријата, заедно со Турција треба да ѝ биде главна потпора на Америка.

Сите познавачи на состојбите во земјава што ги консултиравме за овој текст ја отфрлаат можноста посетите на ДУИ на Атина да резултираат со развој на настаните во ОН при што сите се прашуваат што е целта на ДУИ. Ексамбасадорот Ристо Никовски е скептичен дали посетите на Атина се во координација со македонската влада, а други стручњаци велат дека коалицискиот партнер и да знаел за посетата на Ахмети, повеќе од јасно е дека ДУИ како целосен аутсајдер во спорот за името не може да ги раздвижи работите. Дури и членови на ДУИ велат дека Ахмети е свесен дека шансите за напредок се мали, но дека ќе направи сѐ за да има придвижување. Никој од консултираните не можеше да каже дали ќе патуваше Ахмети во Атина доколку ја знаеше предлог–стратегијата на Маљас, според која на лидерот и на неговата партија им беше дадена улога на експериментално глувче и димпломатска жртва. Нема потврда ниту за третата теза што кружи во јавноста – дека по прифаќањето на барањето за дебата за името од страна на Филип Рикер, ДУИ по секоја цена се обидува да ги спроведе ветувањата. Посетите на Атина, и покрај тоа што се целосно неважни, можат да бидат анализирани и во тој контекст.

Притисок и од Тирана?

Покрај прашањата што во наредниот период ќе ги добива ДУИ по срдбите во Атина од своите гласачи и од политичките фактори во Македонија, лидерот Ахмети се соочува и со прашања од страна на Албанците во соседството. Здружението на Чамите, поточно на Албанците, кои исто како и Македонците од егејскиот дел на Македонија, по Втората светска војна беа протерани од своите домови, подолго време бара прецизен одговор од македонските браќа каков е нивниот став кон трагедијата на Чамите, кои со децении се борат за враќање на имотите или за таканаречена „реституција“. Дали Ахмети во Атина разговарал и за ова прашање, се разбира, нема информација. Новите мерки што грчката влада ги наметна на границата со Албанија при што голем број Албанци не можеа да влезат во Грција со денови е едно од прашањата за кое Ахмети не разговарал на средбата со Венизелос. Барем не официјално.

Александрос Маљас

goran-kol-15-maljasПрвиот грчки амбасадор во Македонија и подоцна амба­са­дор во Ва­шин­гтон, и покрај тоа што е во пензија, сѐ уште е еден од главните креатори на грчката политика кон Македонија. Заедно со професорот Евангелос Кофос се сметаат за творци на грчките сугестии за финалниот изглед на Привремената спогодба во 1995 година, а заедно со ексамбасадорката во Скопје, Александра Пападопулу, се луѓето што стојат зад сите чекори кон Скопје. По поразот на Грција во Судот во Хаг, по кој Кофос беше обвинет од дел од грчките интелектуалци дека направил низа грешки што Македонија успешно ги искористила, Маљас ја презеде и улогата на Кофос во создавање теоретско–научна аргументација за грчката дипломатска активност за името. Ахмети и ДУИ, за жал, не сфатиле дека грчката дипломатија хируршки прецизно ќе им ја наметне улогата што Маљас им ја предвидел уште пред две години.

Добро е ако е добронамерно

Престојот на Ахмети во Атина го коментираа и премиерот Груевски и шефот на дипломатијата Попоски. И двајцата го поздравија напорот на ДУИ да помогне во односите со Грција, но, според изјавите, особено таа на Груевски, и за владата не е целосно јасна посетата на лидерот на ДУИ. Поставувањето на дилемата дали Ахмети имал добронамерни цели за посетата го отвора прашањето дали тој заминал на пат со договор и со некаков мандат од коалицискиот партнер или, пак, се работи исклучително за партиско–маркетиншки обид пред гласачите да се покаже интерес и желба за побрза евроинтеграција. За премиерот Никола Груевски, надворешнополитичките активности на коалицискиот партнер ДУИ и посета на нејзиниот лидер Али Ахмети на Атина, се „добре дојдени, доколку се добронамерни“.

(објавено во 53. број на неделникот „Република“, 6.09.2013)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top