| четврток, 6 декември 2018 |

Димевски: Докузовски е тој што ја остави кошарката на цедило

кошаркариПретседателот на МКФ, Даниел Димевски, реагира по обвинувањата на поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација Марин Докузовски.

„Докузовски ја остави на цедило репрезентацијата, играчите кои му ја донесоа најголемата слава, ги остави на цедило луѓето кои многу пати во животот му помогнале и отвориле врата, кои му ја дадоа и оваа шанса, ја остави на цедило кошаркарска Македонија, затоа што не веруваше дека таков успех може да се повтори“, пишува во реакцијата на обвинувањата од Докузовски, за кои вели дека сметал дека се новинарска грешка и оставил време Докузовски сам да демантира.

„По завршување на првенството, сите славја и прослави, на средба со него, Марин Докузовски лично ме замоли, да му дадам малку време да се одмори и да најде соодветен клупски ангажман за финансиски да го капитализира успехот од Литванија. Како и секогаш дотогаш, јас лично му дадов поддршка и ветување дека ќе го чекаме до последен момент додека не најде клуб, со желба и понатаму да остане селектор. Се прашувам, зарем има некој нормален што по таков историски успех не би го задржал селекторот по секоја цена?! За жал, одговорот и тоа негативен, го слушнав во интервју за бугарски медиум, каде Марин Докузовски на течен бугарски јазик кажа дека е професионалец што живее од кошарка и дека приоритет му е Лукоил, а не репрезентацијата на Македонија. За да биде уште појасно, Докузовски можеше слободно да биде и тренер во Лукоил и селектор, доколку тоа го сакаше, на крајот на краиштата Лукоил не е Реал Мадрид, а и во конкретниот случај воопшто не правеше проблем за тој да продолжи со селекторската работа во репрезентацијата. Згора на се, неговото доцно конечно изјаснување дека не сака повеќе да биде селектор, не стави во цајтнот позиција, во време кога требаше да се договараат подготовки, пријателски натпревари и целата програма на репрезентација за летото 2012 и квалификациите за ОИ во Лондон“ пишува Претседателот на МКФ, Даниел Димевски.

Докузовски минатата недела изјави дека се додека е актуелното раководство на чело на МКФ, тој нема да се врати во репрезентацијата. Тој обвини дека по Литванија, три и пол месеци никој од федерацијата не го контактирал за евентуално продолжување на договорот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top