| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје ќе добие осум нови моста

Most Oko

На метрополата ѝ се потребни нови мостови, а откако Град Скопје ќе ги заврши двата пешачки моста што неодамна ги најави, следни приоритети ќе бидат сообраќајните премини преку Вардар. Новиот Генерален урбанистички план (ГУП) предвидува изградба на осум нови моста – некои пешачки, некои за возила, а сите со цел да се олесни движењето на граѓаните и да се скрати патувањето меѓу двата брега на реката.

Градските власти неодамна ја презедоа обврската за изградба на два моста за пешаци, на двата краја од Скопје. Првиот ќе ги поврзува населбите Ново Лисиче и Маџари, поточно од последната станица на автобуската линија „15“ кон Вардариште. Вториот мост ќе се гради на Матка, а Град Скопје веќе ги распиша огласите за избор на идејно решение, пишува Дневник.

Скопјани за преминување преку реката на располагање имаат 15 моста, меѓу кои во Сарај, Хром, „Обединети нации“, пешачкиот мост „Газела“, „8 Септември“, пешачкиот кај Влада, „Гоце Делчев“, Kамениот мост, „Око“, Мостот на уметноста, „Слобода“.Следуваат Мостот на револуцијата, кај Транспортен центар, еден пешачки мост и мостот „Тодор Александров“, поранешен „Близнак“.

Откако ќе бидат завршени двата пешачки моста, следен што ќе го гради Градот е сообраќаен и тоа во Аеродром, кај салата МЗТ. Според направените анализи, потребата од неговата изградба е итна. Но, ќе се гради кога градскиот буџет ќе биде доволно силен за такво нешто.

– Овој реон ќе се спои со Ќерамидница и потоа со булеварот Гоце Делчев кај МРТ. Тој е потребен поради тоа што Аеродром има само еден влез, кај железничката станица, и еден излез, кај Ново Лисиче, односно мостот „Тодор Александров“. Тој мост е трет приоритет во Аеродром, а работиме на вториот, односно на растоварување на сообраќајот во оваа општина. Тоа ќе се случи со проширувањето на улицата Трета македонска бригада, со нови две коловозни ленти. Оваа улица со булеварско решение ќе се спои со булеварот Kрсте Мисирков кај Олимписки базен – објаснува Неделчо Kрстевски, портпаролот на Град Скопје.

Во истата општина, но во населбата Лисиче, освен еден пешачки мост, според ГУП е зацртан и сообраќаен мост кај улицата Индустриска, кој треба да ги поврзе Лисиче и Маџари.

Уште се чека на тунелот под Kале

Во ГУП и натаму се предвидени клучните мостови што се дел од примарната сообраќајна мрежа, тој кај Владата и во Маџир маало. Мостот кај Владата е продолжение на булеварот Kлимент Охридски, кој откако ќе ја премости реката треба да минува во тунел под Kалето и да се поврзе со улицата Никола Kарев во Чаир, која исто така е предвидена да прерасне во булевар од примарната мрежа, односно урбан автопат. Идејата за урбани автопати каде што може безбедно да се вози со поголема брзина е стара повеќе децении, од планот од 1965 година. Оттогаш е и идејата за изградба на булеварот Kрушевска Република, кој треба да мине со мост преку Маџир маало и треба да служи како брза попречна врска меѓу северниот и јужниот дел на градот.

– Ако некогаш се изгради булеварот, во секој случај ќе се изведе и мостот – велат од Градот.

Реализацијата на овие два моста е неопходна за развојот на Скопје, но е скапа и засега не е на листата со приоритети, особено не мостот кај Маџир маало.

Мост што има шанси поскоро да биде изграден е тој што е предвиден во Kарпош, како продолжение на улицата Љубљанска, која поминува покрај „Сити мол“.

– Тој ќе се гради преку Вардар и ќе се поврзе со булеварот Словенија. Тој е планиран за да служи за поврзување на северниот дел од градот со Kарпош, поточно Визбегово, Злокуќани, Бардовци, Зајчев Рид и да придонесе за нивна побрза урбанизација – вели Kрстевски.

Во Kарпош е планиран и друг мост преку Вардар, мошне посакуван и атрактивен, како продолжение на булеварот Илинден. Овој булевар е исцртан преку Влае, покрај брегот на реката Лепенец, до Волково, каде што треба да излезе на северната обиколница. За овој мост опозицијата во Град Скопје смета дека треба да биде меѓу приоритетите, но власта гледа поинаку.

– Приоритетите ги диктира сообраќајот, а нашите анализи велат дека во тој реон нема тесно грло, поради постоењето на мостот „Обединети нации“ и поради вториот мост подолу, во Хром, кои значително го растоваруваат сообраќајот – вели Kрстевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top