| четврток, 6 декември 2018 |

Анима Мунди до општина Центар: Кучињата лајат, луѓето зборуваат

kuce setanje

Здружението за зштита на животни Анима Мунди жестоко реагираше до општина Центар, поради одлуката со која се забранува дома да се чуваат животни кои постојано лаат. Ова е интегрален текст од нивната реакција.

„Најостро ја осудуваме и бараме да се отповика Одлуката за комунален ред на Советот на општина Центар, со која се донесе забрана за чување на кучиња, доколку истото не биде писмено одобрено од мнозинството станари. Одлука во која меѓу другото пишува дека несмее да се чуваат животни кои постојано лајат.

Оваа одлука е скандалозна и нехумана (како што човек зборува, така кучето лае); дискриминирачка во однос на сите граѓани кои имаат животно (кој ги штити нив од произволни толкувања, пријави или каприци на другите сожители?), нефункционална (зошто нема да направи никому ништо добро) и опасна (зошто масовно може да ја зголеми бројкатана исфрлени животни на улица!). Оваа одлука ги компромитира советниците на општина Центар кои истата ја поддржале, ја компромитира нивната човечност.

1. Почитувани Советници, тој кој чува куче, уредно плаќа данок и придонесува на општината.
2. Тој што чува куче, можеби истото го вдомил од улица – со што и помага на општината да се намали популацијата бездомни кучиња на улиците.
3.Тој кој чува куче е подеднакво изложен на бучава или друг вид реметење на јавен ред и мир кое може да биде од повеќе извори. Но вие, со донесување на оваа Одлука, по автоматизам го дискриминирате и правите заложник на самата општина, како и потенцијален заложник на неговите комшии.
4. Кучето со векови живеело со човекот и тоа не е предмет, туку дел од човековото семејство.
5.Оваа Одлука е непозната за европските стандарди и доколку не се отповика, ќе наиде на огромни осуди.

Ви посочуваме дека животните се живи и чувствителни битија, а кучињата и мачките (домашните миленици) имаат посебен дел во животите на луѓето со векови.

Прв битен доказ за европскиот напредок во однос на животните е европската Конвенција за заштита на животните-миленици во 1987г (Совет на Европа, Договор бр. 125). Цитираме:
„Човекот има морална обврска да ги почитува сите живи суштества и да има на ум дека домашните миленици имаат посебен однос кон човекот; Да се има предвид важноста на милениците во нивниот придонес кон квалитетот на живеење и нивната вредност во општеството „
***
АПЕЛИРАМЕ ДО СОВЕТОТ ВЕДНАШ ДА СЕ ОТПОВИКА ДОНЕСЕНАТА ОДЛУКА КОЈА НИКОМУ НЕМА ДА МУ НАПРАВИ ДОБРО.
СТОИМЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ ДА ПОМОГНЕМЕ ВО КОНЦИПИРАЊЕ СООДВЕТНА ОДЛУКА, ФУНКЦИОНАЛНА, ЕФИКАСНА, НО ТАКВА КОЈА ЌЕ ГИ ШТИТИ И ЛУЃЕТО, И ЖИВОТНИТЕ.
Во прилог примерот Одлука за чување на животни во урбана средина која ја изготви нашето здружение, и ја нудиме безрезервно нашата помош истата да ја адаптираме на карактеристиките и потребите на општина Центар.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top