Драг мој читателе, за овој број решив да ти откријам уште една своја тајна, која баш и не е тајна ама ете јас да ти ја кажам лично. Да не излезе дека си чул од други. Хм, кога ќе размислам не е ама баш никаква тајна. Јас во животот користам марихуана и дезодоранс. Знам, знам. Едното е забрането кај нас и за него не смее да се зборува а сите го користат, додека другото го има во секоја продавница ама ретко кој го користи. Марихуаната ја користам за јас да се чувствувам убаво, а дезодорансот за другите да се чувствуваат убаво. Во животот користете барем една од овие две работи. Иако и двете работи се подеднакво добри и благопријатни во сексуалниот живот. Марихуаната ќе ти помогне полесно да се убедиш себе си дека Анџелина Џоли те моли да ѝ го дадеш, а дезодорансот ќе ти помогне да не те викаат Мишко Закопанов. Понекогаш се прашувам дали некои луѓе се навлечени на својата мишка или не ја чувствуваат. Се прашувам и дали наместо дезодоранс користат веѓета или им умрел некој под мишка. Човек ќе си помисли дека дезодоранс потешко се наоѓа од марихуана. Како за дезодоранс да треба да се криеш по темни улички, да се договараш во шифри и да се тресеш да не налета чичко Алф, а марихуаната како да ја има во секоја продавницка. Хе, хе, хе… Тоа воопшто и не звучи лошо. Тоа би било добра кампања. Конечно во сите продавници!!! Пробајте го нашиот нов џоинт „24 часовен део актив протект”.Како и да е не е зезање. Мишка е опасна работа каде и да те нападне. Во дискотека или на концерт можеш да го наебеш многу опасно ако ти се погоди нуклеарна мишка во близина. Сега нели не се пуши, па го нема никотинот да го ублажи дејството на мишката. Посебно ако Мишко Закопанов е разигран или ако пеачот каже „ ВИДАМ РАЦЕ ГОРЕ”. Те уби на место. Едно од поопасните места, каде што може да те убие мишка е градски автобус. Ако е закачена на шипката за стоење и отворена, тогаш ти се еба мамата. Може и пилинг на лице да ти направи. Ќе ти паднат и веѓи и брада со сѐ митесери и бубулици. Имам видено како на една женска ѝ се топи шминката затоа што беше преблизу до отворена мишка. Може сериозно да ти се слоши ако не ти дојде станицата побргу или ако немаш место да се помрднеш. Опасна ситуација е исто така кога некоја висока мишка сака да те гушне и ќе успее во тоа. Ти остава свој траг на рамото на кое си гушнат и тогаш си контаминиран. Тоа те удира појако од Мајк Тајсон, а башка и те следи. Марихуаната нема шанси да те нападне така сериозно, ниту пак да ти се слоши толку како што може тоа да ти се случи од мишка. Од мишка можеш да повратиш, од марихуана не можеш да се изнајадеш. Марихуаната те социјализира и ти помага во комуникацијата дури и со луѓе со кои не зборуваш ист јазик. Мишката не дозволува ни џандар да ти пријде за да ти напише казна. Има уште најмалку десет ситуации во кои марихуаната е помалку штетна од мишката и побезопасна. Па, тогаш да го легализираме дезодорансот. Да направиме кампања во која ќе објасниме дека дезодорансот е дозволен. Може, смее и треба да се користи. Посебно во периодов што доаѓа. Зошто?
Затоа што насекаде несопирливо се случува будење. Дојде пролет. Сѐ што било скриено или заспано, сега се открива и се буди. Сѐ се пупи и распупуе. Птиците го прават тоа танцувајќи и пеејќи љубовни песни, пчелките ги острат своите љубовни боцки, цвеќињата и дрвјата го прават тоа пуштајќи ги низ ветерот своите сперматозоиди и тоа ме тера да кивам. Жените ги вадат на виделина сите свои атрибути терајќи те дрско да не можеш никако да ги погледнеш во очи. И тоа исто така ме тера да кивам. Започна сезоната за сеопшто парење. Мириса на ебење. Рака на срце, кај нас не престана да мириса на ебење ниту преку зима. Ама сега е сезона и на мишките. И тие се будат од зимскиот сон и сакаат да се парат. Ги отфрлаат џемперите и поткошулите, се активираат по кратки ракави и по автоматизам нивото на радијација се зголемува. Во тој случај имаш движечки Фукушима 1 и 2. Ако мишката е ставена во синтетичка маичка, тогаш е пожелно да се повикаат пожарникари за да се неутрализира. Само вода му е мајката, па и таткото. Тука и е проблемот. Не се бањаме. Секоја чест на исклучоците, ама повеќето сѐ уште чекаат недела за бањање. Останатите шест дена се собира форензичарски материјал под мишката. Некои ставаат дезодоранс преку небањата мишка.Тоа му доаѓа нешто како да истураш парфем во полско WC. Да го легализираме и бањањето? Или да премостуваме полека полека со замивање барем уште два пати во неделата? Нека се донесе закон ако треба, ама нешто мора да се преземе. Инаку ќе нѐ избегнуваат сите. Никој нема да сака ни да не нападне. Запад може да нѐ обвини дека криеме нуклеарка. Ако сретнете некоја таква мишка заобиколете ја во широк круг, а ако ви е близок ликот на носителот на мишката подарете му дезодоранс за роденден и прирачник за капење. Со чиста мишка и патот до Европа може да биде полесен. Еве, не мора да се легализира марихуаната, сега за сега, за понатаму ќе видиме, ама ќе се сложите подобро напушен отколку усмрден.
Сосема за крај сакам да ви соопштам неколку радосни вести. Македонија ќе ѝ даде заем на ММФ во износ од 2 милијарди евра. Нашата Фудбалска репрезентација го победи Бразил на гости со резултат 7:0 и стана светски шампион. Владата го откупи тутунот. Победивме на Дејвис купот. Грција нѐ призна под уставно име и вети дека ќе ги врати териториите. Економскиот бум на Македонската берза го тресе Wall Street. Го пронајдовме гробот на Александар. Станавме светска сила во извоз на здрава храна. Во војната на Блискиот исток ги победивме и Американците и Либијците. Не само што нема невработени, туку увезуваме работна сила од регионот и Бугарија. На Англија и на Франција им ги укинавме визите. Со Русија сме на ти. Путин го купи Охрид, а Маленко е Претседател на Македонија. Сител го смени името и сега се вика А1. Победивме на Евровизија 4-ти пат по ред. Автомобил на годината е букефал – произведен во Македонија. ФК Вардар конечно излезе од кризата.
Деновиве, по апсењето на Кили, јавноста започна со дебата за црно-белото глеање на работите, пред сѐ на марихуаната. Ова е мислењето на актерот Тони Михајловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.