Седумдесет и деветгодишна битолчанка починала за време на погребот на нејзиниот син, 48 годишниот Кире Гроздановски. Живка не можела да се помири со фактот дека синот, кој бил татко на две деца, не ја издржал операцијата на тумор на мозокот. Трагедијата ја потресе цела Битола.

Кога сега покојниот 48-годишен Кире, по долго двоумење и размислување собра храброст и се одлучи да оди на операција на туморот во главата на Клиниките во Скопје, неговата мајка, 79-годишната Живка го испрати со огромна надеж и верба дека по операцијата конечно синот ќе се ослободи од туморот и ќе почне да живее нов живот. Вечерта пред да го оперираат Кире, Живка постојано се молеше за неговото здравје. Иако стравуваше за исходот на операцијата, сепак не губеше надеж, пишува Нова Македонија.
Но, за жал, Кире не ја издржа операцијата и почина во Скопје. Кога ѝ ја соопштија тажната и страшна вест за неговата смрт Живка едвај остана на нозе.
Наредниот ден, кога Кире требаше да биде погребен на Светонеделските гробишта, неа едвај ја донесоа до капелата. Иако ѝ беше тешко и беше скршена од болката за смртта на својот син, таа собра сили и со доста напрегање дојде до капелата.
Седна на еден од столовите, а вкочанетиот поглед постојано ѝ беше упатен кон мртвото тело на нејзиниот син. Во еден момент нешто како да ја стегна во градите. Без глас и врисок падна покрај мртвото тело на својот син.
За само неколку минути пристигна и брзата помош. Откако лекарот ја прегледа, веднаш ја пренесоа во Клиничката болница во Битола. Со неа заминаа и некои нејзини роднини. Но, за жал, Живка не се разбуди во Клиничката болница. Нејзиното срце престана да чука. Болката беше толку голема што не издржа. Живка не стигна да го погребе својот син, кого толку многу го сакаше. Дента Кире го погребаа без неа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


