| четврток, 6 декември 2018 |

Путин го предупреди Обама за Сирија

U.S. President Barack Obama meets with Russian President Putin in Los Cabos

Рускиот претседател Владимир Путин во колумна во весникот „Њујорк тајмс“ ги предупредува САД да бидат претпазливи со нивната политика кон Сирија.

Во текстот, во кој вели дека сириските настани го натерале директно да им се обрати на американските граѓани, рускиот претседател предупредува на последиците на евентуалниот американски напад врз Сирија.

– Евентуалниот напад на САД врз Сирија, наспроти силното противење на многу држави и истакнати политички и верски водачи, вклучително и на папата, ќе резултира со повеќе недолжни жртви и со ескалација која може да го пренесе конфликтот надвор од границите на Сирија. Нападот би го зголемил насилството и би покренал нов бран на тероризам. Може да ги поткопа меѓународните напори за решавање на иранскиот нуклеарен проблем и израелско-палестинскиот конфликт, како и дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток и северна Африка. Може да го исфрли целиот систем на меѓународно право и поредок од рамнотежа, пишува Путин во колумната објавена токму на 11 септември, годишнината на терористичките напади во САД во 2001 година.

Влада на Путин во изминатите две години колку што трае граѓанската војна, го помага режимот во Сирија, против бунтовничките сили кои добиваат помош од САД. Рускиот претседател, во колумната во „Њујорк тајмс“, обвинува дека бунтовничките сили се составени од исламисти, поврзани со Ал каеда и други терористчки организации, како и од многу платеници од арапските, западните земји, па и Русија.

Путин потврдува дека во Сирија бил употребен хемиски отров, што е главниот американски аргумент за напад врз оваа земја, но вели дека него не го извршил режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, туку бунтовниците, за да предизвикаат американска интервенција. Путин предупредува дека бунтовниците сега подготвуваат сличен ваков провокативен напад и врз Израел.

Поради тоа, рускиот претседател го поздравува интересот на американскиот претседател Барак Обама за дипломатска разврска на состојбата во Сирија, која соопшти дека се согласува да го предаде своето хемиско оружје.

Во прилог на противењето на напади врз Сирија, Путин ги посочува и американските воени интервенции во Авганистан, Ирак и Либија, велејќи дека тие завршиле со големи последици и ги поттикнуваат државите да развиваат оружје за масовно уништување за да се заштитат.

– Внимателно го проучив обраќањето на претседателот (на САД Барак Обама) до нацијата во вторник. И во целост не се согласувам со неговиот став дека политиката на САД ја прави Америка поинаква, посебна. Екстремно опасно е да ги поттикнувате луѓето за себе да мислат дека се посебни, без разлика на мотивот за тоа, заклучува Путин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top