| четврток, 6 декември 2018 |

Град Скопје утврди: Почвата во главниот град сосема отруена од загадувањето

Ohis

Фабрика Охис. Земјиштето околу неа е полно со арсен

Почвата на просторот меѓу фабриката ОХИС, селата Долно и Горно Лисиче, Огњанци и Драчево е силно загадена со арсен, со што овој предел претставува „црна точка“ од еко-геохемиски аспект. Освен арсен, поврзан со ризик од појава на рак на бубрези, забележано е присуство на други тешки токсични метали кои имаат негативен ефект врз квалитетот на воздухот, водата и почвата. Почвата, меѓу другото, е најоптоварена од штетните метали затоа што на неа влијае и содржината од воздухот, што претставува опасност контаминацијата да се пренесе и на земјоделските култури кои се одгледуваат на оваа површина. Допрва ќе се утврдува дали овошјето и зеленчукот што се одгледуваат во критичните реони ги содржа во себе тешките метали од почвата.

И до три пати повисоки содржини на арсен од дозволеното е забележано на површина од 30 км2 околу фабриката ОХИС, Горно и Долно Лисиче и селото Огњанци, стои во извештајот на Секторот за животна средина на Град Скопје кој од 2007 година работи на проект за геохемиски мониторниг над скопската почва со цел да се добие релевантна слика за состојбата на почвите во регионот, пренесува Плусинфо. Испитани се примероци од урбаното подрачје и од руралните делови на градот и е утврдено дека тешки токсични метали над дозволеното ниво ја загадуваат почвата во близина на преработувачкие индустриски капацитети, но и во урбаните делови од градот.

Површина од 20 км2 е контаминирана со арсен околу „Рудници и железарница“, помеѓу населбите Ченто, Стајковци, Црешово и Брњарци. Површина од 10км2, пак, е загадена со овој метал кај агрокултурните почви околу ОКТА, селото Текија, Миладиновци и Мршевци. Присуството на токсичниот елемент е забележано и во урбаните средини.

– Во урбаниот дел има повеќе помали микролокалитети окарактеризирани со арсен, како на пример Чаир, близу стара железничка станица, населба Пролет, населба Железара (училишен центар) и хотел Панорама – стои во извештајот.

Во анализите од 2010 година, во 40 отсто од примероците на почва кои се земени од истражуваниот регион низ Скопје се детектирани содржини на арсен од 20 до 100 ppm што е над максималното дозволено ниво околу 20 ppm. Во осум примероци пак, се забележани екстремно високи количества на арсен од 100 до 200 ppm. Овие примероци се земени од средини со локално значење, одводни канали, железнички пруги и депонии со отпад.

Контаминациите од арсен, како што стои во извештајот, се со човечко потекло и се поврзани со вештачките ѓубрива на земјоделските површини на теренот. Како причина во извештајот се наведени и некогашните активности на ОХИС и производството на разни пестициди и хебрициди во минатото кога овој производствен капацитет беше активен.

Како причини за загадувањето се наведени и активностите на „Рудници и железарија“ и рафинеријата ОКТА.

Освен арсен, утврдени се и зголемени концентрации на олово во почвата и до десет пати поголеми од дозволеното, а евидентирани се долж главните интензивни сообраќајници. Според анализите постои загриженост поради растечкиот тренд во присуството на олово кој наведува дека за максимум 10 години би можело до дојде до целосна контаминација на почвата со овој метал. Присуство на олово во загрижувачки количини е утврдено околу Железарница, МЗТ и на врвот на Водно.

Олово е забележано и околу некои металопреработувачки капацитети каде постојат и недозволливи количества на кадмиум и цинк во почвата. Специфично присуство на жива, пак, е забележано во поширокото подрачје на ОХИС. Бакарот е присутен на целата територија на Скопје во колични 2-3 пати поголеми од дозволеното.

Секторот за животна средина препорачува во наредните испитувања да се утврди присуството на арсен на површината на почвата, 30-40 см од врвот. Понатаму да се испита содржината на арсен во овошјето, како кајсијата, праската, јаболкото, крушата и во зеленчукот како зелката, спанаќот, морковот, репките, компирот и салатите, односно културни кои се одгледуваат на површината меѓу ОХИС, Горно и долно Лисиче, Огњанци и Драчево.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top