| четврток, 6 декември 2018 |

13 наставници од 2 скопски училишта казнети, барале работни тетратки

skolo vnatreОд родителите не смее да се бара да обезбедат дополнителни материјали за учениците и стручна литература, точно прецизирана од кои автори и издавачи, под изговор дека истите се неопходни во процесот на образование на децата, тоа е недопустливо и спротивно на законот, истакна денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

– Паричните казни за овие и слични законски прекршувања се високи. На пример, глоба во износ од 3000 до 5000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако дозволи продажба на стручна литература и детски списанија, додека глобата за одговорното лице за истиот прекршок е од 1500 до 2500 евра во денарска противвредност. Понатаму, глоба во износ од 10.000 до 15.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако употреби учебници кои не се одобрени од националната комисија за учебници, а глобата по овој основ за одговорното лице во правното лице е од 5.000 до 7500 евра – рече Ристовски.

Тој додаде дека просветните инспектори се постојано на терен и вршат редовни, но и вонредни инспекциски надзори, по претставки од граѓани. Изминатите неколку денови инспекторите влегле во 120 основни и средни училишта и утврдиле неправилности во ОУ „Симо Хаџи-Димов “ во Скопје и во ОУ „Јохан Хајнрих-Песталоци“ во Скопје, каде директорите се задолжени да поведат дисциплинска постапка против 13 наставници во одделенска и предметна настава, бидејќи усмено и писмено ги задолжиле учениците да набават работни тетратки и помагала.

Ристовски упати апел до училиштата и до професорите, да не се обидуваат да експериментираат со законот, како и до родителите – да бидат внимателни и да не наседнуваат на бизнис интересите на поединци кои не само што ќе им создадат материјален трошок, туку можат да нанесат потешкотии во воспитно-образовниот процес на своето дете.

Тој им порача на родителите кои добиле вакви понуди, веднаш за тоа да го информираат Државниот просветен инспекторат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top